Режисерката Кетрин Бигелоу со нов нуклеарен трилер што остава неодговорени прашања
Новиот трилер на добитничката на Оскар, Кетрин Бигелоу, A House of Dynamite, кој ја имаше својата премиера на Нетфликс, предизвика мешани реакции меѓу гледачите поради својата отворена и недефинирана завршница.
Филмот ја следи ситуацијата по лансирањето на нуклеарна ракета кон Соединетите Американски Држави, прикажана од три перспективи — од Situation Room во Белата куќа, од американската Стратешка команда и од самиот претседател, кого го толкува Идрис Елба.
Бигелоу, позната по филмовите The Hurt Locker и Zero Dark Thirty, намерно избегнала да открие кој стои зад нападот. „Антагонистот е системот што самите го создадовме за да го уништиме светот со еден погрешен потег,“ изјави таа за Netflix Tudum.
Филмот завршува со неизвесна сцена во која претседателот мора да одлучи дали ќе дозволи ракетата да го погоди Чикаго за да избегне светска војна, или ќе нареди одмазда. Судирот никогаш не се прикажува, што остави многумина незадоволни.
„Никој не сака да ја гледа истата сцена трипати и на крајот да нема крај,“ напиша еден корисник на мрежата X. Друг додаде: „Бев залепен за екранот, а потоа со тој крај, се молев нуклеарката да ме погоди мене.“
И покрај реакциите, A House of Dynamite моментално има рејтинг од 79 проценти на агрегаторот Rotten Tomatoes, а критичарот Џефри МекНаб од The Independent му даде четири ѕвезди, опишувајќи го како „најзабавниот филм за масовно уништување по Dr. Strangelove“.
Бигелоу, која пред 17 години стана првата жена што освои Оскар за најдобра режија, повторно го комбинира политичкиот реализам со психолошка тензија.
„Живееме во куќа од динамит,“ рече таа. „Време е да почнеме разговор за тоа што навистина значи нуклеарниот ризик во нашиот свет.“

