Документи откриваат амбициозна програма за модернизација на Бундесверот, насочена кон домашната индустрија
Германија планира најголема воена надградба во својата современа историја, според интерни владини документи добиени од Politico, кои откриваат нов план за набавки во вредност од 377 милијарди евра.
Документот од 39 страници предвидува околу 320 нови проекти за оружје и опрема во следниот буџетски циклус, со цел да се изгради „најсилната конвенционална армија во Европа“, како што изјави канцеларот Фридрих Мерц. Планот опфаќа набавки во копнени, воздушни, морски, вселенски и кибер-компоненти на германската армија.
Од вкупниот износ, повеќе од половина ќе биде насочен кон германски компании, со Rheinmetall како најголем добитник. Групацијата со седиште во Дизелдорф е поврзана со 53 линии на проекти вредни над 88 милијарди евра, меѓу кои програмите за борбените возила Puma и Boxer, развиени заедно со KNDS.
Бундесверот планира набавка на 687 возила Puma до 2035 година и повеќе од 560 системи Skyranger 30 за противдронска и краткодометна воздушна одбрана.
Вториот најголем снабдувач е баварската компанија Diehl Defence, со 21 проект вреден над 17 милијарди евра. Нејзините системи IRIS-T треба да станат темел на идната германска воздушна одбрана, со планирана набавка на 14 целосни системи и стотици ракети со различен дострел.
Покрај тоа, армијата планира значителни инвестиции во беспилотни летала и вселенски технологии — повеќе од 14 милијарди евра се предвидени за нови сателитски програми, меѓу кои и констелација на нискоорбитални сателити вредна 9,5 милијарди евра, што треба да обезбеди сигурна и непрекината комуникација за воените единици.
Во делот на воздушните сили, Германија разгледува и дополнување на својата флота со 15 дополнителни борбени авиони F-35 од Lockheed Martin, вредни околу 2,5 милијарди евра. Со тоа би се зачувала нејзината улога во НАТО-програмата за нуклеарно споделување, но и би се зголемила зависноста од американската поддршка и технологија.
Покрај тоа, во планот се вклучени и набавки на 400 крстосувачки ракети Tomahawk Block Vb и три лансери Typhon, со што Германија би добила дострел од над 2.000 километри.
Иако само околу пет проценти од вкупниот буџет е поврзан со странски добавувачи, тие проекти опфаќаат најстратегиски сегменти на германската воена моќ – од нуклеарно сертифицирани авиони до системи за длабински удари и поморско извидување.
Политички, планот означува нова фаза во германската безбедносна стратегија, по одлуката на владата да го изземе одбранбениот сектор од уставното ограничување на задолжување. Тоа ќе ѝ овозможи на Германија да ја одржи долгорочната воена потрошувачка, надвор од специјалниот фонд од 100 милијарди евра формиран по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Со овој план, Берлин се позиционира како централна сила во европската одбранбена архитектура — чекор што би можел да ја засили неговата улога во НАТО, но и да поттикне нови дебати за милитаризацијата на континентот.

