20 C
Скопје
15 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Трамп ја „затвора“ Венецуела од воздух – Каракас предупредува на војна

Венецуела остро реагираше на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека воздушниот простор над и околу земјата треба да се смета за затворен.

Министерството за надворешни работи во Каракас ги оцени коментарите како „уште една екстравагантна, нелегална и неоправдана агресија врз венецуелскиот народ“, обвинувајќи го Трамп за „колонијална закана“. САД немаат правна надлежност да затворат воздушен простор на друга држава, се додава во реакцијата.

Вашингтон ја засили воената присутност во регионот и изведе најмалку 21 воздушен удар врз бродови кои, според американските власти, превезувале дрога, при што загинале повеќе од 80 лица. САД не обезбедија докази, а претседателот Николас Мадуро тврди дека потезите на Вашингтон се обид за негово соборување.

Трамп на „Трут Соушл“ напиша: „До сите авиокомпании, пилоти, дилери на дрога и трговци со луѓе, ве молам сметајте дека ВОЗДУШНИОТ ПРОСТОР НАД И ОКОЛУ ВЕНЕЦУЕЛА Е ЦЕЛОСНО ЗАТВОРЕН.“

Зголемувањето на тензиите предизвика критики и од демократите и од републиканците во Конгресот, кои предупредија дека Трамп не побарал законско одобрение за ескалацијата.

„Неговите непромислени потези нѐ приближуваат до уште една скапа странска војна“, напиша лидерот на Сенатот, демократот Чак Шумер, истакнувајќи дека Конгресот според уставот е единствената институција што може да објави војна. Слична порака испрати и републиканката Мерџори Тејлор Грин.

Коментарите следат по предупредувањето на американската Федерална администрација за авијација (ФАА) дека во и околу Венецуела има „зголемени воени активности“, што ги натера неколку големи авиокомпании да ги суспендираат летовите. Каракас потоа им ги укина правата за полетување и слетување.

Венецуелското МНР ги повика ОН, меѓународната заедница и мултилатералните организации да ја осудат „оваа неморална агресија“. Истовремено, армијата спроведе воени вежби долж крајбрежјето, прикажувајќи противвоздушни системи и артилерија на државната телевизија.

САД распоредија ударна група предводена од најголемиот носач на авиони во светот, „USS Gerald Ford“, како и околу 15.000 војници, во најголемото американско воено присуство во регионот од инвазијата на Панама во 1989 година. Вашингтон тврди дека распоредувањето е насочено кон борба против трговијата со дрога.

Трамп минатата недела предупреди дека американските напори да се спречи венецуелскиот наркобизнис „по копно“ ќе започнат „многу скоро“.

Каракас верува дека крајната цел е симнување од власт на Мадуро, чиј реизбор минатата година беше оспорен од домашната опозиција и повеќе држави како нерегуларен.

Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави дека САД користат „насилство за доминација“ во Латинска Америка, иако дел од регионалните лидери ја поддржаа построгата линија на Вашингтон.

САД ја прогласија организацијата „Картел на сонцата“, за која тврдат дека ја води Мадуро, за странска терористичка организација – потег што овозможува пошироки овластувања за американските агенции. Венецуела „целиосно и категорично“ ja одби оваа одлука.

Related posts

САД-Кина: Трговскиот конфликт ризикува да прерасне во финансиска војна

admin

Хакерски удар ја потресе Британија: Владата признава пробив, се сомничи кинеска мрежа

admin

Филипче бара лидерска средба и натпартиски консензус за клучни државни прашања

admin

Русија ја нападна Украина

ninja

Министерството за правда ја врати фотографијата со Трамп од досиејата за Епстин

admin

Нов пресврт за Изборниот законик: Премиерот нуди компромис на опозицијата

admin