Славјанка Петровска, пратеничка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека партијата не смее да го игнорира или заборави поразот на локалните избори, оценувајќи го како најлош во историјата на СДСМ.
„Поразот е резултат на многу причини, но отсуството на вистинска дебата за минатите изборни резултати дополнително придонесе за сегашниот исход“, рече Петровска. Таа нагласи дека опстанокот на СДСМ не зависи од една личност, туку од способноста на тимот да ја врати партијата на победничката патека.
На локалните избори, СДСМ освои шест општини и приближно 126.000 гласови, што координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, го оцени како најлош изборен резултат на партијата.
Петровска истакна дека партијата започнала консултации и дискусии меѓу разни групи, градоначалници и кандидати за да се утврдат причините за поразот. „Анализите мора да бидат во пишана форма и усвоени од органите на партијата. За жал, минатогодишниот конгрес не доведе до дискусија“, додаде таа.
Во однос на претседателот на партијата Венко Филипче, Петровска рече дека прашањето за неговиот опстанок се решава преку внатрепартиски избори и дека фокусот треба да биде на заедничка програма за враќање на СДСМ на победничката патека.
Пратеничката, исто така, оцени дека поразот на локалните избори е последица на повеќе фактори – организациски, кандидатски и од аспект на кампањата. „Се анализира целосно од аспект на поставеност на партијата, мотивираност на членството и соодветност на кандидатите“, рече Петровска.
Таа посочи дека во рамки на пратеничката група не постојат поделби, нагласувајќи дека различните мислења не треба да се толкуваат како партиски поделби.
Петровска критикуваше и забавената реализација на законодавните активности во Собранието, како и недоволната транспарентност на Владата, особено во однос на европската агенда и реформите барани од Европската комисија.
Во делот на националната одбрана, Петровска рече дека во последните 15 месеци не се реализирани значајни инвестиции во одбранбената индустрија, вклучително и проекти за развој на македонски дронови. „Инвестициите остануваат на најави и изјави, а реализацијата се уште е неизвесна“, рече таа.
Петровска подвлече дека потребно е долгорочно планирање за јакнење на националните одбранбени капацитети и за воспоставување на системи за цивилна заштита и управување со кризи.

