Владата на Северна Македонија прогласи кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, активирајќи ги државните резерви на мазут за потребите на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), потег што повторно ги отвори прашањата за транспарентноста на јавните набавки во услови на криза.
Одлуката, донесена на 23 декември по барање на ЕСМ, е образложена со блокадите на граничните премини од страна на грчките земјоделци, што го отежна увозот на мазут од Грција, клучен енергенс за работа на термоелектраните.
„Задолжителните резерви на мазут ќе бидат отстапени без надоместок за да се обезбеди стабилност на електроенергетскиот систем“, соопшти Владата, додавајќи дека ЕСМ ќе има обврска редовно да доставува извештаи за потрошувачката до Министерството за финансии.
Простор за отстапување од пазарните правила
Со прогласувањето кризна состојба, Владата, согласно Законот за енергетика, добива можност да применува мерки што отстапуваат од вообичаените пазарни правила, вклучително и склучување итни јавни набавки и договори без јавна конкуренција.
Професорот по уставно право Борче Давитковски предупреди дека, иако не е извесно дека тоа ќе се случи во овој случај, кризата може да се искористи за склучување договори со намалена транспарентност.
„Постои ризик состојбата да се искористи за интервенции, на пример за увоз на електрична енергија преку договори ‘во четири очи’“, изјави Давитковски за Радио Слободна Европа.
Искуства од претходните кризи
Иако институциите формално не утврдиле злоупотреби при носењето на вакви одлуки, извештаите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) покажуваат дека токму за време на енергетската криза во 2021 и 2022 година биле регистрирани спорни практики.
Во 2023 година, ДКСК документираше набавки на мазут за ЕСМ и за ТЕЦ Неготино со непрецизно дефинирани количини и цени, како и анекси на договори без јасна економска логика, што, според Комисијата, претставувале ризик за државниот буџет.
Власта уверува дека нема ризик за граѓаните
Министерката за енергетика Сања Божиновска изјави дека воведувањето кризна состојба нема да има последици за граѓаните и дека државата располага со доволни резерви на мазут.
„Постои мазут во државата и нема да има никакво влијание врз снабдувањето. Ако не може да се набави од Грција, ќе се користат резервите“, рече Божиновска.
Купување струја по пазарни цени
Сепак, професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола оцени дека кризата ќе резултира со зголемено купување струја од приватни производители по берзански цени.
Тој како пример го наведе договорот со гасната централа ТЕ-ТО, која ќе ѝ испорача на ЕСМ над 104.000 мегаватчасови електрична енергија по цена од 119,5 евра за мегаватчас, што ќе ја чини државната компанија околу 12,5 милиони евра во јануари.
Северна Македонија традиционално дел од јагленот, мазутот и електричната енергија ги обезбедува преку увоз, особено во периоди кога домашното производство не е доволно за покривање на потрошувачката.

