Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска ги отфрли обвинувањата изнесени од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) за наводна „тендерска пирамида“. Партијата соопшти дека сите јавни набавки се спроведени законски и ги оцени обвинувањата како политички конструкции без докази.
„Јавните набавки се спроведени согласно закон. СДСМ треба да даде одговор за своите сопствени скандали“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинувањата произлегоа од денешната прес-конференција на Антикорупцискиот тим на СДСМ (АКТ), кој презентираше нов случај поврзан со фирмата „Пирамид билдинг солушнс“. Според СДСМ, од 2022 година до денеска истата фирма добила 51 тендер во вкупна вредност од 16 милиони евра, при што најголем дел од договорите се доделени по локалните избори во 2025 година.
Јон Фрчкоски од СДСМ посочи дека само во општина Аеродром фирмата добила 22 тендери, додека од Гази Баба се доделени 10, а останатите тендери се во Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Гевгелија.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, оцени дека обвинувањата се политички мотивирани и дека се обид за манипулација на јавноста, без конкретни докази за наводни злоупотреби.

