31.4 C
Скопје
13 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Неочекуван сојуз во Собранието: Левица и ВМРО-ДПМНЕ за ист закон

Македонскиот парламент во петокот со поддршка од дел од опозицијата го усвои законот што го овозможува стартот на системот „Безбеден град“ од 1 февруари, проект за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци.

Собранието со 81 глас „за“ го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците по скратена постапка, обезбедувајќи го потребното двотретинско мнозинство. Законот беше поддржан од пратениците на владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, како и од дел од опозицијата, меѓу кои Левица и независните пратеници Бејџан Илјас и Илир Демири.

Против гласаа пратениците на Европскиот фронт и на СДСМ. Гласањето беше номинално, на барање на координаторката на Европскиот фронт, Рина Ајдари.

Поддршката од Левица беше клучна за обезбедување на двотретинското мнозинство, што следува по неодамнешната лидерска средба свикана од премиерот Христијан Мицкоски, на која присуствуваше и лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, изјави дека иако законот има слабости, партијата го поддржала поради очекуваното зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Пратениците на СДСМ и Европскиот фронт се изјаснија против, наведувајќи загриженост за заштитата на личните податоци што ќе се собираат преку техничките уреди. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, предупреди на ризик од можна злоупотреба на податоците.

Законот предвидува воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање, со цел побрзо и поефикасно санкционирање на прекршителите.

Во првата фаза, системот ќе детектира прекршоци како брзо возење, минување на црвено светло, управување возило со истечена сообраќајна дозвола и непрописно паркирање, додека во наредна фаза се планира проширување на листата на прекршоци.

Откако системот целосно ќе биде пуштен во употреба, сопствениците на возилата ќе добиваат СМС-порака и електронска пошта со известување и линк за електронско плаќање на казната. За прекршоци што вклучуваат и забрана за управување со возило, Министерството за внатрешни работи ќе поднесува барање до надлежен суд.

Related posts

Поразот на Орбан го тресе десничарскиот популизам – Баденок: „Нема да трае долго“

admin

Европската комисија предлага Украина да се приклучи на ЕУ роаминг-зоната од 2026 година

admin

Цените на храната „здивеа“ од мерките на Владата

admin

Албанија треба да спроведе 31 реформи за ги искористи 922 милиони евра на ЕУ

admin

ВЛЕН прашува: Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби?

admin

Ја ограбил продавницата во Куманово, ден потоа фатен од полицијата

admin