31.9 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

За правото да се старее со достоинство

Пишува: Проф. Д-р Драган Даниловски

Во јавноста се најавуваат законски измени со кои управувањето со моторно возило би се ограничувало врз основа на возраста. Тие ја отвораат темата за институционализирана дискриминација по возраст – „ејџизам“ (ageism).

Возраста како административен критериум за ограничување права создава опасен преседан: се воведува категорија граѓани со намалени права. Граѓани кај кои автономијата се третира како условна, наместо како основно право.

Старосната дискриминација во правото и биоетиката се препознава по едноставен знак: индивидуалната процена се заменува со општа претпоставка.

А претпоставката тука би била дека староста значи неспособност. Тоа е етички и научно неодржливо!

Зарем стареењето е прекршок? Зарем стареењето може да биде основ за суспензија на личната автономија?

Стареењето е биологија — варијабилна, непредвидлива, индивидуална. Секој што има допир со клиничка практика знае дека функционалната способност не се чита од „лична карта“.

Биолошката старост не се поклопува со календарската. Некој може да биде високоризичен возач и на 20 години. Друг може да има стабилни психомоторни и когнитивни функции и на 90.

Когнитивните и психомоторните капацитети секако дека треба да подлежат на оценување. Медицината има инструменти за тоа: Прегледи. Тестови. Индивидуална евалуација. Стратификација на ризици. Во модерни системи, способноста за возење се утврдува преку функционална процена кога има индикации.

Но, никако преку административна одлука – донесена врз основа на претпоставка.

Токму затоа, медицината е клучниот филтер за процена на ризиците, а не законската „косилка“ што ги сече сите над една линија.

Во светот, ваков тип автоматско ограничување исклучиво по возраст практично не постои. Исклучокот што се наведува е само Перу.

Ако се воведе мерка што е речиси непостоечка во меѓународната пракса, тоа би можело да се доживее како дискриминација и казна за самото стареење.

Секое ограничување на право мора да помине низ тест на легитимна цел, неопходност и пропорционалност.

Безбедноста во сообраќајот е апсолутно легитимна цел.

Но, воведување законска граница која би ги третирала сите лица над одредена возраст како потенцијално неспособни не е неопходно и би претставувало сериозен преседан!

Зошто? Зашто, клиничката практика секојдневно веќе потврдува дека ризикот за безбедно управување со возило се утврдува преку индивидуална процена, врз основа на здравствената состојба и функционалните капацитети, со користење на прецизни медицински инструменти и тестови.

Дополнително, вакво решение ја маргинализира медицинската експертиза, која единствено има компетенција да ја проценува способноста за возење.

Таквата мерка би носела и порака на институционална недоверба кон сопствените граѓани.

И не само тоа.

Возењето за многу луѓе во поодминати години претставува суштинска компонента на автономијата. Граница меѓу автономно и зависно постоење. Средство за пристап до здравствени услуги, одржување на семејни и социјални врски и зачувување на чувството дека остануваат активни учесници во заедницата.

Ограничувања што се доживуваат како неправедни (дури и како казна) можат да доведат до социјална изолација, губење на животната мотивација и психолошка дестабилизација.

Психијатриската и геронтолошката литература одамна укажуваат дека наглото губење на автономијата е поврзано со зголемен ризик од депресија, анксиозност и чувство на безнадежност.

Кај дел од најранливите лица, ваквите состојби можат да бидат придружени и со појава на суицидални идеи.

Овие ефекти се реални клинички феномени кои создаваат и дополнителен товар за семејствата и здравствениот систем.

Тоа мора да биде земено предвид при креирање на јавни политики.

Од аспект на правото, ваквите решенија мораат да бидат усогласени со уставните и европските стандарди.

Член 9 од Уставот ја гарантира еднаквоста на граѓаните, а член 54 бара секое ограничување на правата да биде неопходно и пропорционално.

Европската конвенција за човекови права преку член 14 и Протокол бр. 12 ја утврдува забраната на дискриминација.

Повелбата на Европската унија за основни права во членовите 21 и 25 ја нагласува заштитата од нееднакво постапување и достоинството на постарите лица.

Овие норми претставуваат обврска, а не препорака!

Концептот „Активно стареење“ (Active Ageing) на Светската здравствена организација ја нагласува автономијата, мобилноста и активното учество во општеството како предуслови за здраво стареење.

Политиките што ја ограничуваат мобилноста без внимателна процена на последиците создаваат ризик од несогледливи јавноздравствени и психосоцијални последици.

Од аспект на општествената етика, ваквите решенија се доживуваат како казна за самото стареење!

Собранието треба да обезбеди широка и суштинска стручна расправа, со вклучување на медицинската, правната и јавноздравствената експертиза.

Исто така, потребно е Медицинскиот факултет, Македонското лекарско друштво и Лекарската комора да излезат со јасен и недвосмислен став и активно да учествуваат во стручната расправа при донесувањето на измените на законот. Прашањата што се однесуваат на функционалната способност и здравствените ризици природно припаѓаат во доменот на струката, која има обврска да придонесе со својот авторитет и знаење.

Одлуките донесени денес, ќе ни ја одредат рамката во која секој од нас ќе старее утре.

 

Напомена: Станува збор за реакција на стар медиумски напис но и на присуството на самата појава во нашето општество. Не постои актуелен законски предлог со таква содржина.

 

Related posts

Јама или јамка!

admin

Кој ја запали синагогата?

admin

Сите сме под настрешницата

admin

Тетово и Чаир: Не се само локални избори

admin

Дали Скопје навистина сака во ЕУ?

admin

За да се разбере што се случи на овие избори

admin