Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга отвори предмет по информациите за енормно загадување на водата за пиење во градот Струга, со цел да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата, соопшти Обвинителството во петокот.
Во координација со Одделението за внатрешни работи Струга при Министерството за внатрешни работи, издадена е наредба до правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се наоѓаат изворите од кои градот се снабдува со вода за пиење.
„При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје“, се наведува во соопштението.
Од Обвинителството додаваат дека во текот на постапката ќе бидат преземени и други дејствија за проверка на наводите.
Водата од струшкиот водовод од неделата е забранета за употреба поради висока заматеност на изворот Шум и на сите мерни места низ градот. Мострите земени на 9 февруари покажале 28,56 проценти матност, соопшти Институтот за јавно здравје во Охрид.
Јавното претпријатие „Водовод и Канализација“ од Струга соопшти дека водата во градот и околината не е безбедна за пиење или за други потреби до понатамошно известување.

