Сомнежи за шпионажа и можно оддавање доверливи државни информации отвори предистрагата што ја води Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за активности во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Според информациите на весникот Слободен Печат, до Обвинителството била доставена анонимна кривична пријава потпишана од „група вработени во МВР“, во која се тврди дека од компјутерскиот систем во Кабинетот се копирале и енкриптирале податоци во таен код, со сомнеж дека можеле да завршат кај странски разузнавачки служби.
Под сомнение, според пријавата, е ИТ-администратор во Кабинетот на претседателката. Во документот се споменуваат и други функционери од Кабинетот и од Агенција за разузнавање, за кои постоеле сомнежи дека можеби учествувале во прикривање докази.
Во пријавата се наведува и сомнеж дека високи владини функционери наводно ургирале кај претседателката и кај обвинителката случајот да биде затворен.
Од ОЈО ГОКК потврдија дека уште од декември 2025 година се води предистрага по известување од Секторот за компјутерски криминал при Министерство за внатрешни работи.
Обвинителството соопшти дека биле издадени наредби за пребарување на компјутерскиот систем, екстракција на податоци од компјутери и мобилни телефони, како и анализа на евентуално извлечените информации.
Сепак, од ОЈО ГОКК велат дека сè уште немаат добиено конечен извештај од МВР за резултатите од анализите и за тоа дали податоците биле декриптирани.
Дополнителен сомнеж, според Обвинителството, предизвикува фактот што сè уште не можат да обезбедат копии од снимките од безбедносните камери од Вила Водно.
Од Кабинетот на претседателката одговориле дека не располагаат со снимките бидејќи опремата била набавена преку СОЗР, а надлежноста за чување на записите била кај МВР.
Од Служба за општи и заеднички работи, пак, посочиле дека тие само ја набавиле опремата и дека не располагаат со видео записи.
И покрај барањата, од МВР досега не доставиле информации за обезбедување на копиите од видеонадзорот.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека биле одземени компјутерска опрема и мобилни телефони, дека се анализираат електронските докази и дека биле извршени разговори со вработени во Кабинетот на претседателката.
„По целосно расчистување на случајот јавноста ќе биде соодветно известена“, соопштија од МВР.

