Европска комисија стави на располагање 65,7 милиони евра за Северна Македонија како дел од Планот за раст за Западен Балкан.
Средствата се исплатени по третото барање за плаќање и по позитивната оценка на Европската комисија за спроведените реформски чекори во областа на образованието и дигитализацијата.
Во рамки на истиот пакет, Албанија доби 49 милиони евра, а Црна Гора 44,2 милиони евра.
Од Европската комисија соопштија дека Планот за раст за Западен Балкан, усвоен во 2023 година, има цел да ги доближи придобивките од членството во ЕУ до земјите од регионот уште пред формалното пристапување.
„Планот има за цел да ги интегрира партнерите во единствениот пазар на ЕУ, да ја подобри регионалната економска соработка, да ги продлабочи реформите поврзани со ЕУ и да го зголеми претпристапното финансирање“, соопшти Комисијата.
Со последната исплата, вкупниот износ што Северна Македонија го добила преку овој фонд достигна 142,1 милиони евра.
За Албанија досега се исплатени 212,8 милиони евра, а за Црна Гора 89,3 милиони евра.
Средствата од Планот за раст се распределуваат поединечно за секоја држава и се условени со исполнување на реформските обврски предвидени во националните реформски агенди.
Србија и Босна и Херцеговина не добија средства во оваа рунда, бидејќи, според Европската комисија, сè уште не ги исполниле целосно предусловите за исплата.

