15.8 C
Скопје
15 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКАХРОНИКА

Судот го одби предлогот за укинување на притворот на обвинетите во случајот „Онкологија 2“

Кривичниот совет на Основниот кривичен суд – Скопје денеска го одби предлогот на одбраната за укинување на притворот на обвинетите Нино Васев и Нехад Нухи во предметот „Онкологија 2“, и покрај понудените имотни гаранции од над 350.000 евра. Судот оцени дека не се промениле околностите за применување поблаги мерки и истакна дека нема надлежност да одлучува за гаранции во оваа фаза на постапката.

Судијката Славица Наумова-Јосифовска рече дека причините за определување на притворот и понатаму постојат и дека кривичниот совет го испитува неговото продолжување на секои 30 дена.

„Не се прифаќа предлогот на одбраната во оваа фаза да се замени притворот со куќен притвор, бидејќи нема променети околности што укажуваат дека целите поради кои мерката е определена може да се постигнат со поблага мерка“, рече Наумова-Јосифовска.

На рочиштето беше сослушан и претставник од Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој детално ја образложи ревизијата на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) за 2021 година, посочувајќи слабости, неправилности и неусогласености со законските прописи. Сведокот одговараше на прашања од обвинителството, одбраната и самите обвинети, појаснувајќи дека ревизијата ги анализирала само периодите кога обвинетите биле на функција и дека финансиските извештаи биле доставени и потпишани од директорите на клиниката.

Сведокот истакна дека ДЗР го ревидирал целокупниот процес на јавни набавки и дека не е утврдена повреда на законските прописи, но изрази неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста на финансиските трансакции со законската регулатива.

Одбраната поставуваше прашања за набавките на лекови на реверс, медицинските протоколи и улогата на управниот одбор, на што сведокот објасни дека решенијата за биолошка терапија ги носел медицинскиот персонал, а директорот само одобрил, додека Министерството за здравство ги определувало протоколите.

Следното рочиште е закажано за 3 март, кога ќе бидат сослушани нови сведоци предложени од обвинителството.

Во случајот „Онкологија 2“, обвинетите Васев и Нухи се товарат дека во периодот 2018–2022 незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата негираат вина и тврдат дека случајот е политички мотивиран.

Паралелно се води и постапката „Онкологија 1“, во која Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.

Related posts

Ахмети го величи Гоце Делчев: “Носел бело кече…”

admin

Совет на амбасадори на САД престојуваа во Скопје: Да не зе блокира евроинтеграцијата на С.Македонија

admin

Наум Кајчев: Владата на Северна Македонија не е за вистинска интеграција во ЕУ

admin

Мицкоски се поврзува со ист број на финансиски скандали колку сите негови заменици заедно

admin

Мафијашки убиства и престрелки ги вознемируваат граѓаните – како да се пресретнат?

admin

Европската комисија започна со исплата на средствата од Планот за раст, Косово и Србија сè уште без финансирање

admin