Повеќе од 400 милиони барели нафта од итните резерви на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) наскоро ќе почнат да се пуштаат на пазарот, со цел да се ублажи растот на цените на суровата нафта предизвикан од војната со Иран, соопшти агенцијата.
Залихите од земјите во Азија и Океанија ќе бидат достапни веднаш, додека резервите од Европа и од американскиот континент се очекува да бидат пуштени на пазарот до крајот на март, се наведува во соопштението објавено четири дена по постигнувањето на договорот меѓу земјите членки.
Според ИЕА, владите се обврзале да стават на располагање 271,7 милиони барели нафта од државните резерви, 116,6 милиони барели од задолжителните резерви на индустријата и дополнителни 23,6 милиони барели од други извори.
Најголемиот дел од резервите – 195,8 милиони барели – доаѓаат од земјите членки во Северна и Јужна Америка, од кои 172,2 милиони барели се од државни резерви.
Земјите од Азија и Океанија се обврзале да придонесат со 108,6 милиони барели, од кои 66,8 милиони од државни резерви, додека Европа вети 107,5 милиони барели, вклучително и 32,7 милиони барели од државни залихи.
Според агенцијата, околу 72% од планираното ослободување на резервите ќе биде сурова нафта, а 28% нафтени деривати.
Западните економии ги координираат своите стратешки резерви преку ИЕА, која беше основана во 1974 година по нафтената криза. Ова е шесто координирано ослободување на резерви откако постои агенцијата.
Мерката има за цел да го ублажи растот на цените на нафтата предизвикан од нарушувањата во снабдувањето од регионот на Ормускиот Теснец, преку кој вообичаено поминува околу една петтина од глобалната понуда на нафта и гас.
Конфликтот започна на 28 февруари, а Иран предупреди дека светот треба да биде подготвен за цена на нафтата од 200 долари за барел, додека неговите сили продолжуваат со напади врз трговски бродови во теснецот.
Земјите членки на ИЕА располагаат со повеќе од 1,2 милијарди барели итни резерви, додека дополнителни околу 600 милиони барели се чуваат како задолжителни индустриски резерви.

