Извештајот на странската експертска комисија за сомнителните кардиохируршки интервенции нема да биде јавно објавен, бидејќи содржи чувствителни медицински и лични податоци преку кои пациентите би можеле индиректно да бидат идентификувани, изјави министерот за здравство Азир Алиу.
Во изјава за МИА, Алиу рече дека не е доволно само да се сокријат имињата и презимињата, бидејќи комбинацијата од дијагнози, датуми, болници, типови интервенции и клинички тек може да доведе до препознавање на пациентите.
„Во вакви случаи не е доволно само технички да се затемнат името и презимето, затоа што преку комбинација на дијагнози, датуми, установи, тип на интервенција и клинички тек може да се дојде до индиректна идентификација на пациентите“, изјави Алиу.
Странската експертска комисија анализирала 13 случаи, а кај девет од нив утврдила сомнителни наоди во дијагностичката евалуација и несоодветни индикации за ендоваскуларни или хируршки интервенции.
Министерот посочи дека наодите на странската комисија во голем дел се поклопуваат со извештајот на домашната интерна комисија, но нагласи дека двете тела работеле независно.
„Странската комисија направи сопствена, независна анализа на доставената медицинска документација и кај девет од тие 13 предмети утврди сомнителни наоди“, рече Алиу.
На прашањето зошто случаите сè уште се третираат како „сомнителни“ и покрај идентичните заклучоци на двете комисии, министерот изјави дека Министерството за здравство нема надлежност да носи правни квалификации.
„Нашата обврска е да ги соопштиме стручните наоди и да преземеме системски мерки за да се спречат вакви случаи во иднина“, додаде тој.
Алиу истакна дека Министерството нема да најавува евентуални нови вештачења или истражни постапки, бидејќи тоа е во надлежност на Јавното обвинителство.
Извештаите од домашната и странската комисија ќе бидат доставени до Владата, Јавното обвинителство, Лекарската комора, Фондот за здравствено осигурување, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Државната комисија за спречување на корупцијата.
Случајот беше отворен минатата година по јавните обвинувања на кардиохирургот д-р Жан Митрев за можни непотребни операции и интервенции во повеќе здравствени установи во земјата.

