Во Собранието на Република Северна Македонија денеска се одржа комеморативна седница посветена на жртвите од трагедијата во Кочани, во која на 16 март 2025 година во пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 63 млади лица. Настанот, кој го проследија пратеници, претседателката на државата Гордана Силјаноска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и семејствата на загинатите, беше одбележан со тага, солидарност и повици за правда и одговорност.
Седницата започна со едноминутно молчење за спомен на 63-цата млади жртви. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во својот говор рече дека трагичната ноќ во Кочани „не само што однесе животи, туку го одзеде и делот од иднината на земјата“.
„Некои ноќи завршуваат рутински, некои оставаат спомени, но има и ноќи што никогаш не завршуваат. Таква беше трагичната ноќ во Кочани – започна со забава, со насмевки и пријателства, а заврши со плач и болка“, рече Гаши.
Претседателот нагласи дека солзите на родителите и семејствата зборуваат погласно од секоја политичка изјава и повика на професионален, независен и транспарентен пристап од институциите: Јавното обвинителство, судовите и Министерството за внатрешни работи.
„Правдата не смее да биде ниту пребрза, ниту задоцнета. Само вистината може да донесе мал спокој за семејствата“, додаде Гаши. Тој истакна дека споменот на жртвите треба да живее во секој родител, млад човек и професионалец.
Семејствата на загинатите, сепак, изразија разочараност од комеморацијата, оценувајќи ја како задоцнета и формална. Александар Наунов, татко на едно од загинатите деца, рече дека комеморацијата требало да се одржи многу порано и дека институциите мора „конечно да ја преземат својата одговорност и да обезбедат вистинска правда“.
Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица, изјави дека комеморацијата со „две страници читање“ била голем удар за родителите и дека жртвите не биле споменати со име и презиме. „Ние ќе си плачеме на гробовите, а тие ќе се полнат со пари“, рече таа.
Драги Стојанов, татко на загинатиот Томче Стојанов, ја опиша седницата како „срамота по една година“ и нагласи дека трагедијата е резултат на институционална небрежност, а не судбина.
Гаши во својот говор ги повика политичките и општествените чинители да се вратат кон чесноста, праведноста и хуманоста: „Вашата болка е болка на целото општество. Оваа трагедија треба да биде последен аларм за сите нас.“
Комеморативната седница беше само првиот од низата настани за одбележување на годишнината од пожарот во „Пулс“. Во наредните три дена во Кочани се предвидени верски обреди, конференции и други активности посветени на жртвите.

