Претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, ги покани лидерите на Европската унија на самитот на 19 март, предупредувајќи дека воената ескалација на Блискиот Исток создава глобална нестабилност и веќе има последици за Европа.
Во писмо до лидерите, Кошта наведе дека дискусиите ќе се фокусираат на ситуацијата во Иран и поширокиот регион, како и на геополитичките и економските последици од кризата, вклучително и порастот на цените на енергијата и прашањата за енергетска безбедност.
„Мораме заедно да ги идентификуваме инструментите што треба да ги мобилизираме за навремен, координиран и ефикасен одговор кој ќе ги заштити нашите граѓани и компании, а воедно ќе придонесе за деескалација и стабилност во регионот“, напиша Кошта.
Лидерите ќе разговараат и за новата иницијатива „Една Европа, еден пазар“, која има за цел да ја зајакне конкурентноста на Европската унија, да ја зголеми стратешката автономија и да ги зацврсти основите на европскиот социјален модел. Според Кошта, конкретните мерки и амбициозните рокови треба да ја направат Унијата поотпорна на идни кризи и да помогнат во намалување на трошоците за секојдневниот живот на граѓаните.
Клучна тема ќе биде и новата повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028–2034, која Кошта ја опиша како главен инструмент за заедничка стратешка акција. Лидерите ќе разговараат како долгорочниот буџет може да ја поддржи агендата за конкурентност и како амбициите на Унијата да се усогласат со соодветно ниво на финансирање.
На почетокот на расправата за војната во Украина, на лидерите ќе им се обратат претседателот Володимир Зеленски, соопшти Кошта. Европската унија се очекува повторно да ја потврди поддршката за Украина во одбраната од руската агресија и во напорите за постигнување праведен и траен мир, како и да нагласи дека зголемувањето на притисокот врз Русија останува неопходно за да се поттикнат суштински мировни преговори.
Лидерите ќе разговараат и за влошената ситуација на Блискиот Исток, вклучително и во Либан, Појасот Газа и Западниот Брег. На работниот ручек ќе им се придружи генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш, со кого ќе се разговара за влошувањето на меѓународната ситуација и улогата на ЕУ во одбраната на мултилатерализмот.
Самитот ќе ја разгледа и потребата од засилување на европската одбранбена подготвеност, во контекст на актуелните геополитички тензии. Кошта нагласи дека е неопходен брз напредок во зајакнувањето на европската одбранбена политика, вклучително и во индустрискиот сектор, како клучен дел од стратешката автономија на Унијата.
Лидерите исто така ќе ја разгледаат состојбата со миграцијата, која останува политички приоритет за ЕУ, особено поради ризикот од нови миграциски притисоци поврзани со нестабилноста на Блискиот Исток.
Самитот во Брисел треба да започне на 19 март во 10 часот со традиционална размена на мислења со претседателката на Европски парламент. На состанокот во формат на евросамит ќе учествуваат и претседателката на Европска централна банка, Кристин Лагард, како и претседателот на Еврогрупа, Киријакос Пјеракакис, кои ќе ги презентираат своите економски анализи.
Кошта изрази надеж дека состанокот ќе може да заврши во текот на еден ден, доколку дискусиите го дозволат тоа.

