Координираното ослободување на стотици милиони барели нафта од стратешките резерви на 32 држави не успеа значително да го намали растот на цените на светските пазари, откако Иран ги засили нападите во Ормускиот Теснец, пишува Дојче Веле.
Според извештајот, членките на Меѓународната агенција за енергија (IEA) се договориле да пуштат околу 400 милиони барели нафта од своите итни резерви со цел да се стабилизира пазарот. Но, и покрај овој потег, цената на брент-нафтата повторно се движеше околу 100 долари за барел, откако кратко достигна речиси 120 долари на почетокот на неделата.
Овој чекор беше засенет од ескалацијата на конфликтот во Персискиот Залив. Иран ја засилил воената активност во и околу Ормускиот Теснец, напаѓајќи трговски бродови, вклучително и танкери и товарни бродови, со проектили, беспилотни летала и експлозиви.
Од почетокот на војната на 28 февруари, Техеран практично го блокира овој теснец – една од најважните светски енергетски рути преку која минува околу една петтина од глобалниот извоз на нафта и гас.
Што се стратешки резерви на нафта?
Стратешките нафтени резерви се државни залихи на сурова нафта кои се чуваат за користење во случаи на сериозни нарушувања на снабдувањето или енергетски кризи.
Првата модерна ваква резерва ја создадоа Соединетите Американски Држави во 1975 година, по арапското нафтено ембарго кое откри колку светската економија е ранлива на нагли прекини во снабдувањето. Тој шок ја зголеми цената на нафтата повеќекратно и доведе до недостиг на гориво во западните земји.
Денес, повеќе од триесет држави – најчесто членки на IEA – одржуваат вакви резерви како дел од координиран систем за заштита на енергетската безбедност.
Според податоците наведени од DW, членките на агенцијата заедно располагаат со повеќе од 1,2 милијарди барели државни резерви, дополнети со уште околу 600 милиони барели што ги чува енергетската индустрија.
Кој има најголеми резерви?
Иако не ги објавува официјално точните бројки, се смета дека Кина располага со најголемите стратешки резерви на нафта во светот, проценети на околу 1,3 милијарди барели, наведува DW, повикувајќи се на аналитичката компанија Вортекса (Vortexa).
Тие залихи се проценуваат дека би можеле да ја снабдуваат кинеската економија три до четири месеци.
САД се на второ место со околу 415 милиони барели во федералната Стратешка нафтена резерва, дополнети со уште 439 милиони барели што ги чува приватниот сектор. Тоа одговара на повеќе од 40 дена итно снабдување.
Колку нафта ќе се пушти на пазарот?
Од договорените 400 милиони барели, САД ќе придонесат со околу 172 милиони барели, кои постепено ќе се испорачуваат во период од 120 дена.
Јапонија најави ослободување на околу 80 милиони барели, што претставува приближно 45 дена домашно снабдување.
Меѓу другите земји кои ќе учествуваат се Германија, Австралија, Франција, Јужна Кореја и Обединетото Кралство.
Дали резервите можат да ги намалат цените?
Енергетските аналитичари велат дека користењето на стратешките резерви може краткорочно да го намали притисокот на пазарот, но ретко доведува до драматичен пад на цените.
Глобалниот пазар троши околу 100 милиони барели нафта дневно, што значи дека ослободените количини се релативно мали во споредба со вкупната побарувачка.
Аналитичарот Дејвид Морисон од брокерската компанија Трејд Нејшн (Trade Nation) изјави за AFP дека ако целта на координираниот потег била да се ограничат цените, „тогаш тоа целосно не успеало“.
Истражувачката куќа Капитал економикс (Capital Economics) предупреди дека цените може дополнително да растат доколку Ормускиот Теснец остане затворен подолг период.
„Дури и ако IEA има уште резерви за користење, подолготраен конфликт може да предизвика загуби поголеми од вкупните резерви што директно ги поседуваат членките“, изјави економистот Хамад Хусеин.

