Министерството за одбрана соопшти дека се целосно транспарентни со јавноста и редовно информираат за состојбата во Армијата, откако Независниот синдикат на професионални војници обвини за катастрофални услови во касарните.
Синдикатот наведува дека во некои објекти има импровизирани тоалети и туш кабини, а во кујните се шетаат лебарки. „Лебарки по лебот, руини од минатиот век“, обвинија од синдикатот, прикажувајќи фотографии и видеа од објектите.
Министерството призна дека условите не се на највисоко ниво, но истакна дека се предвидени инвестиции од 12 милиони евра за обнова на касарните низ земјата. Оттаму додаваат дека станува збор за континуирана работа на подобрување на инфраструктурата, а не за ПР кампања.
„Секогаш информираме со факти и ги повикуваме сите медиуми да известуваат за активностите во Армијата“, се вели во соопштението на Министерството.

