СДСМ побара политичка и кривична одговорност за случајот со масовното труење на граѓани во Гостивар, оценувајќи дека институциите и здравствениот систем целосно потфрлиле во заштитата на јавното здравје.
Партијата тврди дека загадувањето на водата започнало на 25 јуни, што, според нив, значи дека жителите на Гостивар пиеле загадена вода 22 дена без навремена реакција од надлежните институции.
СДСМ поставува прашања зошто Центарот за јавно здравје не вршел редовни анализи на водата и зошто не било истражено наглото зголемување на бројот на заболени, откако првите пациенти биле регистрирани на 13 јули.
Од партијата наведуваат дека првите детални препораки од Институтот за јавно здравје биле објавени дури на 18 јули, додека неколку дена претходно, според нив, бил издаден извештај дека водата е безбедна за пиење.
СДСМ обвинува дека наместо брза реакција, јавноста се соочила со молк, институционален хаос и доцнење во преземањето мерки, додека резултатите од анализите биле недостапни поради тајноста на предистражната постапка.
Според партијата, повеќе од 3.000 граѓани се регистрирани со симптоми на труење, а дел од заболените се лекуваат во домашни услови.
СДСМ бара да се утврди целиот синџир на одговорност – од локалните институции до Министерството за здравство – и побара неотповикливи оставки од:
– министерот за здравство Сашо Клековски,
– директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска,
– директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов,
– како и одговорните лица во надлежните центри за јавно здравје.
Партијата го повика премиерот Христијан Мицкоски да не ги штити функционерите и порача дека јавниот интерес и здравјето на граѓаните мора да бидат над политичките функции.

