Војната меѓу САД, Израел и Иран влезе во 69-тиот ден со нов дипломатски притисок за прекин на конфликтот, но и со продолжување на воените операции низ регионот.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон имал „многу добри разговори“ со Техеран и дека договор за ставање крај на конфликтот би можел да биде блиску.
Во меѓувреме, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека американскиот предлог, доставен преку посредникот Пакистан, сè уште се разгледува.
„Предлогот е под ревизија и Иран ќе го соопшти својот став откако ќе ги финализира своите позиции“, изјави Багаеи за иранската агенција ISNA.
Паралелно со дипломатските контакти, Израел изврши нови воздушни напади врз Бејрут, што е прв удар врз либанската престолнина откако на 17 април стапи во сила кревкото примирје.
Израелската армија соопшти дека пресретнала „сомнителна воздушна цел“ лансирана од Либан, додека Хезболах тврди дека извел 17 напади врз израелски позиции на либанска територија.
Трамп повторно предупреди дека САД ќе продолжат со бомбардирање доколку Иран не ги прифати условите за договор.
„Ако не се согласат, бомбардирањето ќе почне и ќе биде на многу повисоко ниво и со поголем интензитет од претходно“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Во Техеран, претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, ги исмеа американските операции, наведувајќи дека „операцијата Trust Me Bro пропаднала“.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, побара поддршка од Кина за создавање „нов поствоен регионален поредок“.
Во Персискиот Залив, американската морнарица соопшти дека борбен авион онеспособил ирански танкер во Оманскиот Залив, откако бродот наводно се обидел да ја пробие американската блокада.
Конфликтот продолжува да има силно влијание врз глобалната економија. Германската бродска компанија Hapag-Lloyd соопшти дека затворањето на Ормутскиот теснец ја чини околу 60 милиони долари неделно поради повисоки трошоци за гориво и осигурување.
Според извештаи на Bloomberg, кинеските регулатори им препорачале на големите банки да ги замрзнат новите кредити за пет рафинерии под американски санкции поради наводни врски со иранска нафта.

