Сите 32 членки на НАТО во 2025 година ја достигнале целта за трошоци за одбрана од најмалку 2% од бруто-домашниот производ, за првпат откако оваа цел беше поставена во 2014 година, покажува годишниот извештај на Алијансата.
Вкупните трошоци за одбрана достигнале околу 1,4 трилиони долари, поттикнати делумно од зголемениот притисок од страна на американската администрација.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека европските сојузници и Канада со години се потпирале премногу на воената моќ на САД, но дека сега е видлива „реална промена во размислувањето“.
„Не преземавме доволно одговорност за сопствената безбедност, но тоа се менува“, рече Руте на прес-конференција во Брисел.
И покрај колективниот напредок, извештајот укажува на значителни разлики меѓу земјите-членки во однос на нивото на трошоци.
На врвот на листата се државите на источниот фронт кои граничат со Русија. Полска издвојува 4,3% од БДП за одбрана, а Литванија 4%, следени од Латвија (3,7%), Естонија (3,4%), Данска (3,3%) и Норвешка (3,2%).
Над просекот се и Финска (2,9%), Грција (2,8%), Холандија (2,6%), Шведска (2,5%), Германија (2,4%) и Турција (2,3%).
Соединетите Американски Држави издвоиле 3,2% од БДП за одбрана, што е благо намалување во однос на претходната година, кога изнесуваше 3,3%.
Група земји едвај ја надминале минималната граница, меѓу кои се Обединетото Кралство (2,3%), Романија (2,2%), Северна Македонија (2,1%), Луксембург (2,1%), Бугарија (2,1%), Хрватска (2,1%), Франција (2,1%), Словачка (2,1%) и Црна Гора (2,1%).
Минималниот праг од 2% го достигнале и Словенија, Италија, Албанија, Белгија, Канада, Португалија и Шпанија.
Сепак, извештајот посочува дека некои земји, иако формално ја исполниле целта, бележат пад во апсолутните трошоци. Унгарија потрошила 6% помалку за одбрана во споредба со 2024 година, додека трошоците на Чешка се намалиле за 0,3%.
Дипломати на НАТО предупредуваат дека правичната распределба на товарот меѓу сојузниците останува предизвик, и покрај постигнатиот напредок.
Во 2025 година, членките на Алијансата се согласија да ја зголемат целта за трошоци за одбрана на 5% од БДП до 2035 година, во услови на зголемени безбедносни закани и продолжување на војната во Украина.

