Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, изјави денеска дека членството на Северна Македонија во НАТО претставува „стратешка и трајна придобивка“ за безбедноста на земјата, особено во време на војни и глобални безбедносни кризи.
„Членството во НАТО е резултат на визионерски и државнички политики на Социјалдемократскиот сојуз во изминатите децении. Тој пат не беше лесен, но сега можеме да се чувствуваме безбедни, со загарантирани граници, бидејќи сме дел од најголемиот безбедносен сојуз во светот“, рече Филипче.
Тој нагласи дека актуелната геополитичка состојба, вклучувајќи ја четиригодишната војна во Украина како резултат на руската агресија, и појавата на нови жаришта во светот, ја потврдува важноста на членството во Алијансата.
Филипче исто така се осврна на говорот на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој вчера ја посети Армијата на Северна Македонија и оцени дека пораки упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и директно се однесуваат на Владата. Претседателот на СДСМ упати критики кон вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, нагласувајќи дека тој одржува контакти со структури блиски до Москва и со „Ноќните волци“, што Филипче го оцени како сигнал за загриженост за безбедноста на земјата.
Тој посочи и на финансискиот заем од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, и оцени дека тоа испраќа „погрешни сигнали“ во рамки на Алијансата.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за време на посетата на касарната „Илинден“ во Скопје ја оцени подготвеноста на Армијата и нагласи дека Северна Македонија активно придонесува во рамки на Алијансата, особено преку единиците на Лесната пешадиска баталјонска група и Баталјонот на специјални сили. Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, му додели Голема плакета како признание за поддршката и соработката.

