18.3 C
Скопје
13 јули, 2026
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУ

Николовски: Наративот дека сме „жртва на неправда“ не може да ја замени потребата од реформи

Процесот на европска интеграција на Северна Македонија се наоѓа во чувствителна фаза во која политичките блокади се преплетуваат со внатрешни институционални слабости и бавна имплементација на реформите. Додека Албанија веќе отвора преговарачки кластери и влегува во понапредна фаза од пристапните разговори со Европската унија, Скопје останува во застој и покрај завршениот скрининг и формалната техничка подготвеност во делови од европското законодавство.

Во интервју за Инбокс7, извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски, анализира каде се наоѓа Северна Македонија во споредба со соседните земји, зошто реформите во клучните области од кластерот „Темели“ остануваат нестабилни и како политичкиот наратив за „надворешна неправда“ може да ја ослаби домашната реформска дисциплина. Тој предупредува дека продолжената стагнација може да ја намали довербата во европскиот процес и да го продлабочи јазот со земјите од регионот кои веќе напредуваат во преговорите со ЕУ.

 

Инбокс7: Како од перспектива на независен тинк-тенк ја оценувате моменталната позиција на Северна Македонија во процесот на ЕУ интеграција во споредба со Албанија? Дали навистина земјата е  понапред, како што тврдат властите, иако не ги започнала преговорите?

Димитар Николовски: Од перспектива на независен тинк-тенк, би рекол дека Северна Македонија има релативно високо ниво на техничка подготвеност во делови од acquis-от и долга административна „инерција“ во ЕУ-усогласување, но Албанија во моментов е понапред во самата преговарачка динамика. Кај нас, „процесот“ стои на политичко-институционален застој: скринингот е завршен, но отворањето на првиот кластер е условено со уставните измени. Европската комисија експлицитно нотира дека скринингот е комплетиран и дека Советот ги поставил условите за отворање на Кластер 1 откако ќе се усвојат уставните измени.

Затоа, тезата дека сме „понапред“ иако реално не се движиме во преговорите, е повеќе внатрешно-политички наратив отколку мерлива состојба според методологијата на проширувањето.

Инбокс7: До кој степен стагнацијата на Северна Македонија може да се објасни исклучиво со надворешни блокади, а колку со недоволни внатрешни реформи, особено во рамките на Кластерот „Темели“?

Димитар Николовски: Надворешните блокади се реален фактор и не може да се релативизираат – особено затоа што го пренасочуваат процесот од критериуми кон билатерални прашања. Но, ако сакаме чесна анализа, стагнацијата не може да се објасни исклучиво со блокади.

Кластерот „Темели“ (владеење на право, функционална демократија, јавна администрација, фундаментални права) е местото каде што ЕУ најмногу „мери резултати“, а ние предолго испорачуваме делумни и нестабилни реформи. И кога блокадите се тргнат настрана, останува проблемот: институционална имплементација, независност, отчетност и капацитет.

Инбокс7: Европската комисија во последниот Извештај укажува на ограничен напредок во владеењето на правото. Кои се клучните структурни слабости што Скопје не успева да ги надмине?

Димитар Николовски: Клучните слабости се структурни, не „технички“:

  • Слаб интегритет и независност во правосудниот систем (перцепција и пракса на политичко влијание, селективност, недоволна одговорност). Комисијата повторно ја става во центар потребата од ефикасен и независен судски систем како основа на ЕУ-вредностите.
  • Корупција со висок ризик во јавниот сектор – не само поради закони, туку поради слабост на истражување, гонење, конфискација и институционална координација.
  • Ниска институционална издржливост: реформите зависат од политички циклус, па се „ресетираат“ после избори наместо да се вградуваат во системот.
  • Неефикасно управување со човечки ресурси и капацитет во администрацијата – што директно ја намалува способноста да се спроведе acquis-от.

 

Инбокс7: Дали постои јаз меѓу формалното усвојување на закони и нивната реална примена, и како тоа се одразува врз кредибилитетот на земјата во Брисел?

Димитар Николовски: Да, јазот е еден од најголемите проблеми: често имаме закон „на хартија“, но слаб подзаконски пакет, недоволни буџети, кадар, ИТ-системи и инспекциски капацитет за реална примена. ЕК во 2025 извештајот нотира повеќе области со „нецелосна имплементација“ и повторување на препораки од претходната година (што е индикатор дека реформите се бавни или козметички).

Во Брисел тоа се чита како проблем на кредибилитет: не е доволно да покажете дека знаете што треба да се направи; мора да покажете дека државата може да произведе резултат и да го одржи.

Инбокс7: Колку сериозно Северна Македонија ги третира обврските од Зелената агенда на ЕУ, и дали тие се гледаат како суштинска реформа или само како „чек-листа“ за извештаи?

Димитар Николовски: Во пракса, често се третира како „чек-листа“ – стратегија, акциски план, донаторски проект – но не како развојна трансформација (енергетика, индустрија, транспорт, отпад, води, биодиверзитет). Клучниот тест е дали Зелената агенда се поврзува со буџети, институционални надлежности и контрола на загадувањето и урбанистичкиот хаос.

ЕК директно потенцира потреба од зајакнување на административните и инспекциски капацитети за имплементација и спроведување на еколошкиот acquis.

Тоа значи дека проблемот не е во декларациите, туку во изведбата.

Инбокс7: Во споредба со Албанија, која отвори повеќе преговарачки кластери, дали Северна Македонија заостанува и во еколошките политики и спроведувањето на стандардите на ЕУ?

Димитар Николовски: Албанија во 2024–2025 направи силен преговарачки исчекор и отвори повеќе кластери, меѓу кои и Кластер 4: „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ (16 септември 2025).

Тоа создава впечаток дека Албанија „влегува“ во сериозна фазa на преговори, каде што Зелената агенда станува реална рамка со бенчмаркови.

Кај нас, иако има проекти и политики, немаме преговарачки темпо што ја „заклучува“ реформата во систем на услови и мониторинг. Затоа, ризикот е да заостанеме не толку во идеите, колку во институционализацијата и во мерливи резултати.

Инбокс7: Колку е проблематично тоа што домашните политички елити продолжуваат да ја продаваат приказната дека земјата е „жртва на неправда“, наместо да зборуваат за сопствената одговорност?

Димитар Николовски: Тоа е политички разбирливо, но стратешки штетно. Ако целата приказна ја сведете на „неправда“, добивате две последици:

Како прво дома – ги ослободувате институциите од притисок за реформи („ништо не зависи од нас“);

И второ надвор – испраќате сигнал дека немате план за испорака на резултати, туку чекате политичка милост.

Северна Македонија реално има неправди и блокади, но најдобрата контра-стратегија е двоен пристап: принципиелно барање да не се злоупотребуваат билатерални прашања + агресивно домашно реформирање за да нема алиби дека „не сме подготвени“.

Инбокс7: Дали ваквиот наратив создава лажни очекувања кај граѓаните и дополнително ја еродира довербата во европскиот процес?

Димитар Николовски: Да. Кога граѓаните слушаат дека „сè е неправда“, логично очекуваат дека со една политичка одлука во Брисел сè ќе се реши. Кога тоа не се случува, доаѓа до фрустрација, цинизам и пад на доверба во ЕУ процесот, а тоа е плодна почва за евроскептицизам и радикални политички пораки.

Инбокс7: Како стагнацијата во евроинтеграциите се рефлектира врз секојдневниот живот на граѓаните – економски, институционално и во однос на квалитетот на живот?

Димитар Николовски: ЕУ интеграцијата не е симболика; таа е механизам што ја „турка“ државата да стане функционална. Кога стагнира:

  • економски: неизвесноста ја намалува довербата на инвеститори, а младите ја гледаат миграцијата како рационален избор;
  • институционално: реформите се одолговлекуваат, се релативизираат или се прават половично;
  • квалитет на живот: најмногу се чувствува преку слаби јавни услуги, загадување, урбанистички хаос, коруптивни практики и нееднаквост пред институциите.

Инбокс7: Дали постои ризик Северна Македонија постепено да ја изгуби „европската мотивација“ кај јавноста, особено кај младите?

Димитар Николовски: Ризикот е реален. Младите не ја мерат ЕУ само како геополитика, туку како стандард на живот, владеење на право и шанса за фер систем. Кога гледаат дека процесот е „замрзнат“, тие не стануваат нужно анти-ЕУ – туку стануваат анти-систем и ја бараат иднината надвор.

Инбокс7: Што мора реално да се смени во пристапот на институциите за земјата повторно да се перцепира како сериозен кандидат, а не како „замрзнат случај“?

Димитар Николовски: Три работи:

Прво, јасна државна позиција со патоказ (вклучително и за уставните прашања) – без магла и без дневно-политичка реторика.

Второ, резултатен пристап во „Темели“: мерливи индикатори (истражувања/пресуди во корупција, реформи во судски совети, транспарентно именување, дигитализација и контрола на процеси).

Трето, капацитет и дисциплина во имплементација – буџет, кадар, инспекции, ИТ, меѓуинституционална координација.

ЕК во 2025 нотира дека земјата работи на патокази за владеење на право и јавна администрација и дека отворањето на Кластер 1 е врзано со уставните измени.
Тоа е јасен сигнал дека „вратата“ не е затворена, но бара политичка зрелост и институционална испорака.

Инбокс7: Ако продолжи сегашното темпо, дали постои опасност Северна Македонија трајно да заостане зад Албанија и другите земји од регионот во процесот на пристапување кон ЕУ?

Димитар Николовски: Ако ништо суштински не се промени – да, постои опасност да заостанеме долгорочно, затоа што Албанија веќе има отворени кластери и до ноември 2025 го отвори и последниот преостанат кластер, што значи дека влегува во фаза каде главното прашање станува затворање поглавја, не отворање.

Но тоа не е „судбина“. Северна Македонија може да врати кредибилитет релативно брзо ако направи пресврт во: (1) политичка одлука за деблокада, и (2) реални резултати во Темелите. ЕУ најмногу реагира на две работи: предвидливост и испорачани реформи.

Related posts

Симона Славкова: Младите сакаат ЕУ да ја почувствуваат како лична перспектива

admin

Грковска во Вашингтон: Се надевам дека црната листа на САД уште повеќе ќе се надополнува

admin

Раманда Шеху, нова амбасадорка: Европската интеграција треба да стане опиплива реалност за младите

admin

Бешири: Вучиќ е политички ранет, но нема доброволно да се повлече

admin

Ахмед Ќазими: Владата оваа година издвои двојно повеќе средства за наука

admin

Душан Јањиќ за Инбокс7: Србија се соочува со избор: промени или конфликт

admin