Северна Македонија продолжува да остане заплеткана во спорови со соседите, кои го оневозможија отворањето на преговорите за членство во Европската Унија и спроведувањето на реформите за подобро функционирање на државата. Во 2008 година се соочи со ветото на Грција, која го услови продолжувањето на евроатлантскиот интеграциски процес на Скопје со промена на името. Овој проблем беше решен во 2018 година со потпишувањето на Договор од Преспа, со кој државата беше преименувана од „Македонија“ во „Северна Македонија“.
Сепак, тоа не беше последната пречка. Во 2019 година Франција го услови проширувањето на Европската Унија со нова методологија за преговори, додека во 2020 година Бугарија побара итно спроведување на Договорот за добрососедство од 2017 година. Овој услов привремено беше надминат со таканаречениот Француски предлог, архивиран како „Протокол 2“ во министерствата за надворешни работи во Скопје и Софија — документ изработен за време на германското претседателство со Советот на Европската Унија, а финализиран за време на француското претседателство во 2022 година.
Со овој компромисен документ, одобрен од парламентите на двете држави, на Скопје му беше овозможено да продолжи во процесот на преговори, но со услов во првата фаза да ги усвои уставните измени за вклучување на етничките Бугари во Преамбулата на Уставот. Бидејќи во Собранието на Северна Македонија не беше обезбедено двотретинско мнозинство за исполнување на оваа обврска, земјата сè уште ги нема отворено преговорите.
Албанија, која до 2024 година беше во пакет со Северна Македонија, се одвои и продолжи напред, што отвори бројни дебати во Скопје.
Но, која е економската цена што ја плаќа државата поради ова одложување? Каде се наоѓа Албанија, а каде Северна Македонија во реформите и економскиот развој? На оваа тема Инбокс7 разговараше со академик Абдулменафи Беџети.
Инбокс7: Како блокадата на процесот на интеграција во Европската Унија влијаеше врз странските инвестиции и економскиот раст во споредба со Албанија?
Академик Беџети: Секако дека многу негативно, но не само во овој сегмент. Странските директни инвестиции статистички се прикажуваат и со различни методологии. На пример, Македонија често ги прикажува и субординираните заеми од матичната компанија во земјата на потекло како странски директни инвестиции. Исто така, како нова инвестиција се евидентира и реинвестираниот дел од добивката на странска компанија што работи во Македонија.
Најправилната и стандардна мерка треба да биде приливот на странски инвестиции во текот на една календарска година во однос на Бруто домашниот производ. Ако се повикаме на апсолутните вредности за изминатата година, во споредба со Албанија, странските директни инвестиции во Македонија се повеќе од двојно пониски. Но уште позагрижувачки е нестабилниот тренд, додека Албанија бележи континуиран раст. Притоа, мора да се има предвид и методологијата на прикажување.
Странски директни инвестиции (во милиони американски долари)
| Година | Северна Македонија | Албанија |
|---|---|---|
| 2022 | 785 | 1.434 |
| 2023 | 625 | 1.622 |
| 2024 | 1.358 | 1.716 |
Инбокс7: Може ли да се проценат економските трошоци од доцнењето во спроведувањето на реформите, особено во кластерот „Темели“?
Академик Беџети: Сè уште немаме направено детална студија, но нема сомнение дека трошоците не се само економски, ниту само директни и материјални. Индиректните и нематеријалните трошоци може да бидат уште повисоки и поболни. Материјалните штети се мерливи и пресметливи, додека нематеријалните се непредвидливи и „невидливи“.
На пример, само една одлука за строго спроведување на правилото за должината на престој во Европската Унија за држави што не се членки — како во случајот со возачите на товарни возила пред неколку недели — кога тие останаа блокирани со денови, колку чинеше тоа? А вакви рестриктивни мерки има безброј.
Инбокс7: Кои се фискалните и економските ризици од неспроведувањето на европските еколошки стандарди?
Академик Беџети: Новите еколошки стандарди на Европската Унија, поврзани со содржината на производите што се извезуваат на нивниот пазар, се многу строги. За нивно исполнување се потребни длабоки технолошки и структурни реформи. За секое отстапување се плаќаат дополнителни еколошки давачки, што силно ќе ја погоди македонската економија.
Во споредба со Албанија, Македонија може да биде и повеќе погодена, бидејќи има поголем и поконцентриран извоз во Европската Унија, особено во Германија и во автомобилската индустрија, каде што се бараат највисоки стандарди.
Инбокс7: Како загадувањето влијае врз јавниот здравствен систем и економијата?
Академик Беџети: Јавното здравје е клучен фактор за економски развој. Не случајно Обединетите нации и Светската банка го мерат развојот преку Индексот на човечки развој, кој ги опфаќа материјалната база, образованието и животниот век. Последниот директно зависи од еколошките услови.
И покрај напредокот на технологијата и автоматизацијата, човечкиот фактор останува пресуден. Во сите анализи на Светската банка, здравата и продуктивна работна сила е клучна за конкурентноста.
Инбокс7: Како ги оценувате економските и фискалните реформи на земјата во споредба со Албанија?
Академик Беџети: Пред дваесет години Македонија беше значително понапред од Албанија во речиси сите аспекти. Бруто домашниот производ по глава на жител, инфраструктурата и буџетот беа далеку повисоки. Денес ситуацијата е спротивна.
Пред дваесет години буџетот на Македонија беше најмалку двојно поголем од албанскиот, иако со околу шеесет проценти помало население. Денес буџетот на Албанија го надминува македонскиот за околу триесет проценти.
Албанија го спроведе процесот на проверка на интегритетот во судството пред една деценија со едногласна одлука во парламентот, додека Македонија во септември 2023 година преку член 353 од Кривичниот законик значително ја намали одговорноста за злоупотреба на службена положба.
Единствената област каде што Македонија е „подобра“ од Албанија е нивото на јавниот долг, и тоа во негативна смисла.
Инбокс7: Кои се можните последици ако одложувањата продолжат?
Академик Беџети: Последиците ќе бидат тешки. На среден рок: демократско назадување, зголемена емиграција, раст на корупцијата и евроскептицизам. На долг рок: економска изолација, намалување на инвестициите и дознаките, стареење на населението и демографска дисбаланс.
Изгубениот моментум, особено сега кога Европа ги отвори вратите и од геополитички причини, нема брзо да се повтори. Можно е до 2030 година Албанија и Црна Гора да станат членки, додека доколку Македонија остане во пакет со Србија и Косово, перспективата ќе стане уште подалечна.

