Годишната инфлација во еврозоната се зголеми на 1,9% во февруари, од 1,7% во јануари, покажаа податоци објавени во средата од Евростат. Една година претходно, инфлацијата изнесуваше 2,3%.
Во Европската унија, годишната инфлација достигна 2,1% во февруари, во однос на 2,0% во јануари, додека во истиот месец лани изнесуваше 2,7%.
Најниски стапки на инфлација се забележани во Данска (0,5%), Кипар (0,9%) и Чешка (1,0%). Највисоки стапки се регистрирани во Романија (8,3%), Словачка (4,0%) и Хрватска (3,9%).
Во споредба со јануари, инфлацијата се намалила во 11 земји членки, останала непроменета во четири, а се зголемила во 12.
Секторот на услуги имал најголем придонес кон годишната инфлација во еврозоната во февруари, додавајќи 1,54 процентни поени, следен од храната, алкохолот и тутунот со 0,48 поени, како и индустриските производи без енергија со 0,17 поени. Енергијата, пак, имала негативен придонес од -0,30 поени.
На месечно ниво, инфлацијата во еврозоната изнесуваше 0,6% во февруари.
Евростат соопшти дека од 4 февруари 2026 година стапиле во сила методолошки измени во хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), вклучително и усогласување со новата класификација на Обединетите нации COICOP 2018.
Еврозоната од 1 јануари 2026 година ја вклучува и Бугарија, со што бројот на членки се зголеми на 21.

