Министерот за здравство Азир Алиу не го откри идентитетот на лекарот од јавното здравство кој, според властите, зел околу 700.000 денари плата за еден месец, ниту, пак, соопшти кога јавноста ќе го добие конечниот епилог од случајот со наводно непотребни срцеви и васкуларни интервенции, иако од првичниот извештај на домашната експертска комисија поминаа повеќе од пет месеци.
Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Алиу рече дека и во двата случаи приоритет му е системско решение, а не јавно посочување поединци или носење брзи заклучоци под притисок на јавноста.
Во делот за платите во здравството, министерот изјави дека постојниот систем овозможува здравствените работници законски да имаат до 20% дополнителен ангажман, односно вкупно до 120% работен ангажман, но анализите покажале случаи на далеку поголемо надминување. Како пример, наведе здравствен работник со ангажман од 156% надвор од редовната работа.
„Сакаме да се соочиме со проблемите, да ги анализираме добро и да креираме решение“, рече Алиу, додавајќи дека слабостите во сегашната законска рамка и недоволно прецизните процедури овозможуваат злоупотреби.
Контроверзијата се отвори откако премиерот претходно од собраниската говорница зборуваше за случаи во кои здравствени работници пријавувале апсурден обем на работа, вклучително и 31 ден во месец со 30 дена и по 24 часа дневно.
Алиу одби да каже кој е лекарот и во која установа се случил случајот, иако, како што посочи новинарот, станува збор за јавни пари. Министерот рече дека не сака „со ваков тип политики да направи сензација“, туку да создаде систем што ќе спречи повторување на ваквите појави.
Како решение, тој ги посочи измените на Законот за евиденции во областа на здравството, кои се во јавна консултација преку ЕНЕР, како и нов дигитален систем што треба во реално време да ги следи активностите на здравствените работници и текот на лекувањето на пациентите.
Според него, со новите законски измени и приватните здравствени установи ќе треба да се поврзат со системот „е-здравство“, за Министерството да има увид не само во третманот на пациентите, туку и во тоа колку часови вработени од јавното здравство поминуваат работејќи во приватниот сектор.
Министерот рече дека нерамномерната распределба на товарот во здравството е уште еден сериозен проблем, посочувајќи дека има лекари кои прегледуваат само еден пациент неделно, додека други прегледуваат и по 100 пациенти.
Во рамки на истите реформи, Министерството веќе тестира пилот-проект за регистрација на работното време со биометриска идентификација, односно со фингерпринт, во две здравствени установи. Алиу рече дека целта не е санкционирање, туку „признавање на работата“ и поголема транспарентност. Според него, токму транспарентноста сама по себе ги намалува злоупотребите.
Една од централните теми во интервјуто беше и случајот што го обелодени кардиологот Сашко Кедев, а кој се однесува на можни непотребни операции на срце и васкуларни интервенции. На прес-конференција на 14 ноември минатата година, Алиу соопшти дека домашна експертска комисија анализирала 19 случаи, од кои кај 10 утврдила непотребно извршена срцева операција, васкуларна интервенција или непотребно упатување на операција.
Тогаш министерот рече дека конечниот збор ќе го има и комисија од странски експерти. Но, и покрај тоа што денеска е 20 април, јавноста сè уште не ги знае имињата на болниците, лекарите, ниту конечниот исход.
На прашањето зошто, Алиу одговори дека здравството мора да се води од докази, а не од рокови или од притисок на јавноста. Тој призна дека самиот создавал очекувања за брза постапка, но рече дека чувствителноста на случајот наложила дополнителна проверка од тројца странски експерти кои, како што наведе, немаат никаква допирна точка со македонскиот здравствен систем.
Министерот ги отфрли тврдењата дека имало обиди од приватни болници да се влијае врз постапката или случајот да се затвори без објавување на наодите. Тој рече дека извештајот од странската комисија е веќе готов, но дека треба да следи уште еден заеднички состанок со домашната комисија, по што извештајот ќе биде архивиран како конечен и дури потоа јавно презентиран.
Алиу одби да каже дали странскиот извештај е на иста линија со наодите на домашната комисија. Наместо тоа, рече дека зборот на министерот не треба да биде прв, туку зборот на експертизата.
Случајот се однесува на интервенции што се плаќаат од Фондот за здравствено осигурување, односно со пари на граѓаните, а според новинарското прашање станува збор за околу 20 милиони евра годишно за две приватни болници за срцеви операции и васкуларни интервенции.
И покрај сомнежите и првичните наоди, Алиу рече дека буџетите за двете приватни болници не биле предмет на поинаков третман, бидејќи конечниот извештај сè уште не е формално усвоен. Тој додаде дека здравствениот систем е поважен од административните процедури, но истовремено призна дека токму преку административни и клинички протоколи се анализира дали во конкретните случаи било постапувано правилно.
Министерот најави дека конечниот извештај ќе биде основа за нови, „поробусни“ политики, меѓу кои и формирање национален Heart Team, кој ќе одлучува за клинички нејасни случаи кога треба да се утврди дали пациентот треба или не треба да биде опериран. Но, призна дека тој механизам сè уште не е воспоставен, бидејќи чекаат финален извештај.
„Нам ни е битен квалитетот, не ни е битно времето“, рече Алиу, на забелешката дека додека се чека, може да продолжат истите спорни практики.
Тој тврди дека во меѓувреме Министерството спроведува внатрешни процедури и ад-хок посети на болниците, но рече дека не сака секоја активност да ја претвора во јавна политичка порака. Според него, недовербата во здравствениот систем е веќе висока и може да се намали само со резултати.
Во интервјуто беше отворено и прашањето за недостигот на лекови, вклучително и за најтешко болните пациенти. Алиу рече дека проблемот е системски и дека решението што Владата веќе го вовела за ретките болести е административните постапки за набавка да траат три години наместо една.
Според него, кај ретките болести и на Онкологија е тешко однапред прецизно да се предвидат потребните количини лекови, бидејќи бројот на пациенти и нивните потреби се менуваат. Затоа, рече тој, тригодишниот модел треба да овозможи поголема предвидливост и за државата и за индустријата, но и да спречи пациентите да остануваат без терапија.
Министерот го отфрли и аргументот дека подолгите договори носат поголем корупциски ризик. Според него, ризикот не зависи од времетраењето на договорите, туку од тоа колку се јасно дефинирани индикаторите, протоколите, процедурите и системите за евалуација и дигитален надзор.
Тој рече дека нацрт-законот за лекови, објавен на ЕНЕР на почетокот на март, е во завршна фаза на консултации со засегнатите страни и оти очекува процедурите наскоро да бидат завршени.
Целта, според Алиу, е здравството во иднина да функционира како единствен пакет во кој ќе бидат поврзани човечките капацитети, здравствената услуга, цената на таа услуга и институцијата што ја обезбедува, така што финансирањето ќе го следи пациентот низ примарното, секундарното и терциерното ниво на здравствена заштита.
Министерот призна дека сегашниот систем понекогаш дозволува државата да плати и повеќе од двапати иста здравствена услуга за ист пациент во различни институции, што, како што рече, влијае и врз квалитетот на услугите и врз буџетот на здравството.

