Министерот за здравство Азир Алиу најави низа структурни реформи во здравствениот систем, насочени кон намалување на нееднаквостите и подобрување на пристапот до услуги, вклучително и преку децентрализација, дигитализација и засилена контрола врз работењето на лекарите.
Во интервју за порталот Локално, Алиу рече дека крајната цел е секој пациент да може да ја добие потребната здравствена услуга во местото каде што живее, наместо да биде упатуван во главниот град, што според него создава дополнителни трошоци и притисок врз системот.
„Тоа е поевтино за системот, пофер за граѓанинот и поодржливо за целото здравство“, изјави министерот.
НЕЕДНАКВОСТИ ВО ПРИМАЊАТА И КОНТРОЛА НА СИСТЕМОТ
Алиу посочи дека во јавноста се појавиле податоци за значителни разлики во примањата меѓу лекарите, што отвора сомнежи за неправилности во системот.
„Кога јавноста слуша дека лекар во јавното здравство заработил 700 илјади денари за еден месец, а има големи разлики во обемот на работа и бројот на интервенции меѓу колеги со иста специјалност, тоа не може да се смета за нормална состојба“, рече тој.
Министерот нагласи дека дополнителната работа на лекарите останува законска можност, но дека ќе се воведат нови механизми за евиденција и контрола со цел да се обезбеди еднаква примена на правилата и да се спречат злоупотреби.
„Не станува збор за казнена мерка, туку за воспоставување ред и транспарентност“, додаде тој.
НАСИЛСТВО ВРЗ ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ
Во однос на зголемените случаи на насилство врз медицинскиот персонал, Алиу најави воведување технолошки и институционални мерки, вклучително и инсталирање на таканаречени „panic button“ системи во здравствените установи.
„Нулта толеранција за насилство е основен принцип, но мора да ги намалиме и причините што создаваат нервоза кај пациентите“, рече тој, додавајќи дека нефункционалноста на системот често е извор на тензии.
ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА И ТЕЛЕМЕДИЦИНА
Министерот оцени дека прекумерната централизација е еден од најголемите проблеми во македонското здравство, наведувајќи дека околу 70% од пациентите кои доаѓаат во Клиничкиот центар можат да бидат третирани на секундарно ниво.
Како дел од реформите, Министерството планира зајакнување на регионалните здравствени капацитети и воведување на телемедицина. Пилот-проектите веќе се тестираат, овозможувајќи дијагностика на далечина, без пациентите да патуваат во Скопје.
Паралелно, се работи на централизирано електронско здравствено досие како основа за подобра координација на услугите.
Алиу призна дека одливот на медицински кадар останува сериозен предизвик и дека решението не е само во вработување, туку во создавање услови за професионален развој.
„Младите остануваат таму каде што имаат перспектива – добра опрема, менторство, фер услови и јасен кариерен пат“, рече тој.
Министерството подготвува законски измени за пофер систем на вработување и специјализации, како и регионално планирање на кадарот.
РЕФОРМА НА ИТНАТА ПОМОШ
Во делот на итната медицинска помош, Алиу најави воведување нов профил – парамедик, како и лиценцирање на тимови според меѓународни стандарди.
Владата планира набавка на 100 нови возила за итна помош, во вредност од околу 7,5 милиони евра, како и воспоставување на централен диспечерски систем со ГПС следење.
„Во реално време ќе знаеме каде се наоѓа секое возило и ќе можеме да реагираме побрзо“, рече тој.
Алиу призна дека недостигот на лекови не е само домашен проблем, туку дел од пошироки нарушувања во глобалните синџири на снабдување.
Тој се повика на иницијативи на Европската унија за подобрување на достапноста на критични лекови, но додаде дека тоа не смее да биде оправдување за домашни слабости.
Министерството подготвува нов закон за лекови, со цел побрзи процедури за регистрација и подобро следење на снабдувањето.
РЕТКИ БОЛЕСТИ И БУЏЕТСКА СТАБИЛНОСТ
Во однос на пациентите со ретки болести, Алиу најави премин од годишни кон тригодишни јавни набавки, со цел да се обезбеди континуитет во терапијата.
„Државата треба да биде гарант на терапијата, а не повремен набавувач“, рече тој.
Според него, новиот модел ќе обезбеди поголема стабилност, проширување на листата на лекови и подобро планирање на трошоците.
Алиу рече дека реформите имаат за цел да го префрлат системот од реактивен во проактивен модел, со фокус на предвидување на проблемите и подобрување на услугите за пациентите низ целата земја.

