Мисијата Artemis II на НАСА влезе во гравитациското влијание на Месечината, означувајќи го првиот лет со екипаж кон нејзината орбита по повеќе од пет децении.
Леталото Orion, со четиричлен екипаж, ја достигна т.н. „сфера на влијание“ на Месечината на околу 63.000 километри од нејзината површина, кога лунарната гравитација почнува да доминира над Земјината.
Астронаутите Рид Вајзман, Кристина Кох, Виктор Гловер и канадскиот астронаут Џереми Хансен се подготвуваат за клучната фаза на мисијата – прелет зад далечната страна на Месечината.
Во најоддалечената точка, екипажот ќе се најде на околу 406.000 километри од Земјата, што ќе постави нов рекорд за најголема оддалеченост на луѓе во вселената, надминувајќи го рекордот од мисијата Apollo 13 од 1970 година.
За време на шестчасовниот прелет, астронаутите ќе спроведат научни набљудувања, тестирања на системите и рачно управување со леталото, додека привремено ќе ја изгубат комуникацијата со Земјата додека се зад Месечината.
Мисијата не вклучува слетување, туку служи како тест за идни мисии со екипаж, вклучително и планираното враќање на луѓето на површината на Месечината во рамки на програмата Artemis.
Овој лет е првиот со човечки екипаж кон Месечината од мисијата Apollo 17 во 1972 година и се смета за клучен чекор во новата ера на истражување на длабоката вселена.

