Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека очекува позитивен развој во процесот на европска интеграција на земјата до мај, отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата за блокади од повеќе земји членки на Европската унија.
Говорејќи на состанок на Социјалистичката партија во Драч, Рама ги нарече „шега“ наводите дека девет земји ја блокираат Албанија во пристапните преговори.
„Ветото го става една држава. Ако се девет, тоа не е вето, туку гласање. До крајот на април или почетокот на мај ќе се види вистината“, рече Рама.
Тој директно го критикуваше лидерот на опозицијата Сали Бериша, обвинувајќи го дека шири неточни информации за европскиот процес.
Премиерот нагласи дека членството во Европската унија останува стратешка цел без алтернатива и ги повика партиските структури да ја засилат ангажираноста.
„Ова е голема одговорност што ја носиме. Овие реформи ја прават Албанија држава и ја подготвуваат за членство“, изјави Рама.
Тој објасни дека процесот на пристапување функционира на две нивоа во ЕУ – техничко, каде се оценуваат реформите, и политичко, каде одлуките ги носат земјите членки со консензус.
„Доволно е една земја да каже ‘не’ и процесот запира. Но, тврдењата дека постојат повеќе вета се неточни“, додаде тој.
Рама, исто така, повика на убедлива победа на претстојните локални избори, оценувајќи дека тоа е важно за продолжување на реформите и европската агенда.
Изјавите доаѓаат во услови на засилена политичка реторика меѓу власта и опозицијата во Албанија околу напредокот во процесот на пристапување кон Европската унија.

