Патувањето на американската делегација за нова рунда мировни разговори со Иран во Пакистан беше одложено поради дополнителни политички консултации во Вашингтон, додека прекинот на огнот меѓу двете страни се приближува кон истек.
Белата куќа соопшти дека потпретседателот Џеј Ди Венс ќе учествува на дополнителни состаноци, што го одложило неговото заминување за Исламабад, каде требаше да се одржат разговорите.
Иднината на двонеделниот прекин на огнот, кој истекува во среда, останува неизвесна. Иран сè уште не потврди учество на разговорите и предупреди дека е подготвен да „открие нови адути на бојното поле“.
Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Иран за повеќекратни прекршувања на прекинот на огнот и сигнализираше можност за продолжување на воените операции доколку не се постигне договор.
Во меѓувреме, тензиите се зголемуваат во Ормутскиот теснец, клучна рута за глобалната нафта, каде САД запленија ирански брод, а иранските власти тоа го оценија како „поморско пиратство“.
Пентагон соопшти дека американските сили извршиле и проверка и запленување на уште еден танкер без државна припадност, за кој тврди дека обезбедувал поддршка за Иран.
Двете страни изразуваат подготвеност за дипломатско решение, но паралелно ја засилуваат воената реторика, што дополнително ја зголемува неизвесноста околу исходот од разговорите.
Првата рунда разговори, одржана на 11 април, не резултираше со договор, и покрај повеќечасовните преговори меѓу двете страни.

