Три бродови поврзани со Оман се обидоа да го минат Ормускиот теснец по рута блиску до брегот на Оман, наместо преку трасата околу островот Ларак што во изминатите недели практично функционираше под ирански надзор, покажуваат податоци од поморски сервиси и специјализирани медиуми.
Станува збор за два супертанкери, „Dhalkut“ и „Habrut“, како и за танкерот за течен природен гас „Sohar LNG“, кои сигнализирале оманска поврзаност и пловеле невообичаено блиску до оманскиот брег. Не е јасно дали транзитот бил координиран со иранските власти или претставува самостоен обид да се заобиколи досегашниот коридор.
Доколку овој премин се потврди како независен од трасата кај Ларак, тоа би бил еден од првите познати обиди за излез од Заливот надвор од таканаречениот „теxерански одобрен“ коридор по средината на март.
И покрај тоа, сообраќајот низ Ормус останува далеку под вообичаеното ниво. Ројтерс објави дека неколку омански, француски и јапонски бродови успеале да минат откако Иран почнал ограничено да дозволува пловидба за бродови без американски или израелски врски, но режимот на премин и натаму е строго контролиран.
Меѓу последните бродови што го минале теснецот е и францускиот контејнерски брод „CMA CGM Kribi“, додека јапонски танкер за LNG исто така успешно транзитирал, што се толкува како прв знак на ограничено олеснување на пловидбата.
Ормускиот теснец, низ кој во нормални услови минува околу една петтина од светската трговија со нафта и течен природен гас, останува едно од најчувствителните геополитички тесни грла во светот. Засега не е јасно дали обидот на оманските бродови навестува пошироко отворање на водниот пат или само ограничено тестирање на границите на иранската контрола.

