Претставници на Армијата, полицијата, политички партии, здруженија на бранители и граѓани денеска кај тетовското село Вејце одбележаа 25 години од нападот во кој загинаа осум припадници на македонските безбедносни сили за време на конфликтот во 2001 година.
Во заседа поставена меѓу селата Селце и Вејце, на Шар Планина, загинаа четворица полицајци и четворица припадници на армиската единица „Волци“, сите од Битола, на возраст од 24 до 30 години.
Загинатите се Роберт Петковски, Игор Костески, Миле Јаневски, Бобан Трајковски, Марјан Божиновски, Илче Стојановски, Бошко Најдовски и Кире Костадиновски.
Одбележувањето почна со минута молк, по што беа изведени македонската химна и рецитали посветени на бранителите.
Пред спомен-плочата со имињата на загинатите беше положено цвеќе од претставници на институциите, безбедносните сили, политички партии, организации, здруженија на бранители, навивачки групи и граѓани.
Во нападот беа повредени и шестмина припадници на македонските безбедносни сили.
За овој случај досега никој не одговарал, што и по 25 години останува едно од најболните прашања поврзани со конфликтот од 2001 година.

