Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека има „прилично добри вести“ во врска со Иран, додека конвој танкери во саботата минуваше низ Ормускиот теснец, во првото поголемо движење на бродови низ овој клучен енергетски коридор откако пред седум недели почна војната меѓу САД, Израел и Иран.
Според податоци од платформата MarineTraffic, група од четири танкери за течен нафтен гас, како и повеќе танкери за нафтени деривати и хемикалии, пловеле низ иранските води јужно од островот Ларак, додека и други бродови се упатувале од Персискиот Залив кон теснецот. Движењето се смета за прв позначаен сигнал за делумно нормализирање на сообраќајот низ Ормускиот теснец, низ кој пред војната минуваше околу една петтина од светската трговија со нафта.
Трамп, кој разговараше со новинарите во авионот Air Force One на враќање во Вашингтон од Феникс, не даде детали за тоа на што точно се однесуваат „добрите вести“, но рече дека работите „се одвиваат многу добро“ на Блискиот Исток и дека во текот на викендот се водат преговори. Тој, сепак, предупреди дека примирјето би можело да не биде продолжено кога ќе истече во среда, ако дотогаш не биде постигнат подолгорочен договор за запирање на војната.
„Главната работа е дека Иран нема да има нуклеарно оружје. Не смее да му се дозволи на Иран да има нуклеарно оружје, а тоа е над сè друго“, изјави Трамп, повторувајќи ја својата клучна позиција во преговорите.
И покрај обновеното движење на танкерите, не беше јасно дали за викендов ќе има директни разговори на високо ниво меѓу Вашингтон и Техеран. Ројтерс објави дека немало видливи подготовки за нова рунда разговори во Исламабад во саботата наутро, иако Трамп претходно кажа дека веројатно ќе има нови средби. Пакистански извори, сепак, рекоа дека евентуална средба би можела да доведе до почетен меморандум за разбирање, по што во рок од 60 дена би следел сеопфатен мировен договор.
Дополнителна неизвесност внесоа и пораките од Техеран. Претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач Мохамад Багер Калибаф порача на социјалните мрежи дека Ормускиот теснец „нема да остане отворен“ ако продолжи американската блокада на иранските пристаништа. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, од друга страна, соопшти дека теснецот останува отворен за сите комерцијални бродови за време на 10-дневното примирје, но иранските власти нагласија дека сите пловила мора да координираат со Револуционерната гарда, додека воените бродови и бродовите поврзани со „непријателски сили“ и натаму не се дозволени.
Војната, која почна на 28 февруари со американско-израелски напад врз Иран, однесе илјадници животи, се прошири и во Либан преку израелски операции против Хезболах и предизвика силни потреси на глобалните енергетски пазари. Притисокот врз Трамп да најде излез од кризата се засили во услови на високи цени на бензините, растечка инфлација и пад на рејтингот пред ноемвриските избори за Конгресот, објави Ројтерс.
Еден од главните камења на сопнување и натаму останува иранската нуклеарна програма. Трамп изјави дека САД сакаат да ги отстранат иранските резерви на збогатен ураниум, но иранското Министерство за надворешни работи одговори дека тој материјал нема да биде префрлен никаде. И покрај тоа, ирански официјален претставник рече дека Техеран се надева на прелиминарен договор во наредните денови, додека извори блиски до преговорите наведоа дека сè уште има нерешени разлики.
Во меѓувреме, пазарите позитивно реагираа на можноста за повторно отворање на пловниот пат. Цените на нафтата во петокот паднаа за околу 10%, а светските берзи пораснаа, поттикнати од надежите дека комерцијалниот сообраќај низ Ормускиот теснец постепено ќе се нормализира. Британија соопшти дека повеќе од десетина земји изразиле подготвеност да се приклучат на меѓународна мисија за заштита на пловидбата кога ќе се создадат услови за тоа.
И покрај оптимизмот што го изрази Трамп, изворите од Иран за Ројтерс велат дека „остануваат празнини што треба да се надминат“ пред да може да се постигне првичен договор, додека дел од иранското верско раководство во петокот испрати тврд тон дека земјата нема да преговара под притисок и понижување.

