Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека новиот закон за игри на среќа има цел да воведе ред и дисциплина во секторот, кој според него создавал сериозни социјални последици и ја менувал сликата на македонските градови.
„Имаме чувство дека државата полека но сигурно наликуваше на Лас Вегас“, рече Мицкоски, посочувајќи дека казина, обложувачници, канцеларии за брзи кредити и заложувалници станале секојдневна појава во многу населби.
Тој оцени дека ваквиот систем е причина за бројни семејни и човечки несреќи и дека е неопходна посилна регулација.
Мицкоски ги отфрли критиките на Асоцијацијата на игри на среќа дека законот се носи нетранспарентно и предупредувањата дека ќе се изгубат работни места или ќе се отвори простор за нелегално коцкање.
Според него, сите засегнати страни биле вклучени во подготовката на законот, но Владата нема целосно да ги следи барањата на индустријата бидејќи приоритет е, како што рече, заштитата на јавниот интерес.
Со предложените законски измени, сите казина, автомат-клубови и објекти за електронски игри на среќа ќе мора да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основни и средни училишта.
Во обложувачниците што се наоѓаат во радиус од 500 метри од училишта нема да биде дозволено поставување видеолотариски терминали и друга електронска опрема за игри на среќа.
Владината портпаролка Венера Азизи изјави дека законот предвидува и строги ограничувања за рекламирањето.
Според неа, ќе биде забрането надворешно рекламирање кое поттикнува учество во игри на среќа, како и пораки што коцкањето го претставуваат како пат до финансиски успех или решение за лични проблеми.
Дополнително, ќе се забрани користење познати личности во реклами и содржини насочени кон малолетници.

