Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија соопшти дека се поведени шест дисциплински постапки против ФК Шкендија и една против ФК Силекс по финалниот натпревар од Купот на Македонија.
Против Шкендија се отворени постапки поради непочитување на националната химна, исвиркување и нестанување за време на нејзиното интонирање од страна на навивачите.
ФФМ отвори постапка и поради употреба на пиротехнички средства во текот на целиот натпревар, националистички скандирања, истакнување знамиња со навредлива и недозволена содржина, како и знаме со нацистичка симболика.
Дополнително, постапка е поведена и поради навредливи скандирања кон ФФМ, како и поради одбивањето на фудбалерите и официјалните лица на клубот да ги примат медалите по завршувањето на натпреварот.
Против Силекс е поведена една дисциплинска постапка поради националистички извици и употреба на пиротехнички средства.
Во реакцијата, ФФМ изрази „сериозна загриженост и разочараност“ од однесувањето на дел од актерите на натпреварот, особено од, како што наведуваат, раководните луѓе на Шкендија и дел од фудбалерите.
„Недозволиво е раководни структури и поединци, наместо да придонесуваат за смирување на тензиите, да создаваат атмосфера на поделби, провокации и континуирано барање алиби за сопствените неуспеси“, соопштија од ФФМ.
Од федерацијата оценуваат дека со одбивањето да се учествува во церемонијата за доделување медали било покажано непочитување и кон противничката екипа, како и омаловажување на спортскиот успех.
ФФМ соопшти дека останува „цврсто определена“ да ги санкционира сите облици на недолично однесување, без разлика на клубот или функцијата на инволвираните лица.

