Компаниите од Северна Македонија и од регионот треба да ги напуштат локалните практики и да работат според глобални правила и стандарди доколку сакаат да бидат конкурентни на меѓународните пазари, изјави генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид, Живко Мукаетов, на Самитот Македонија 2025.
Мукаетов рече дека растот и развојот на компанијата се резултат на децениски инвестиции во производство, истражување и развој, технологија, таленти и регионална експанзија.
Овогодишниот самит на „Македонија 2025“ обедини бизнис-лидери од регионот, кои разговараа за системските промени потребни за побрз економски раст и за предизвиците со кои се соочуваат компаниите во процесот на интернационализација.
На панелот „Од потенцијал до перформанси: може ли регионот да скалира?“ беа отворени теми за конкурентноста, иновациите и задржувањето на талентите во Југоисточна Европа. Мукаетов говореше за трансформацијата на „Алкалоид“ од регионален производител во глобално конкурентна фармацевтска компанија.
„Пресвртот се случуваше постепено како резултат на долгорочна и внимателно поставена стратегија“, рече Мукаетов. Според него, визијата за глобализација започнала со изградбата на нови производствени капацитети во раните 2000-ти години, додека клучниот исчекор кон европските пазари се случил во 2007 година, кога компанијата добила потврда за усогласеност со стандардите ЕУ-GMP и прво одобрение за ставање лек во промет во Европската Унија.
Тој додаде дека денес „Алкалоид“ има 1.008 маркетиншки авторизации за лекови на пазарите во ЕУ.
Мукаетов посочи дека фармацевтскиот сегмент учествува со 91% во вкупната продажба на компанијата, при што водечки производ е полусинтетскиот цефалоспорин цефиксим, за кој „Алкалоид“ е водечки производител во Европа и Евроазија според обемот на производство.
Посебен акцент на панелот бил ставен на човечките ресурси и на одливот на таленти, што, според учесниците, директно влијае врз економскиот и иновативниот потенцијал на регионот.
Меѓу компаниите во регионот сѐ почесто преовладува оценката дека образовниот систем не одговара на потребите на современиот пазар на труд и дека постои недостиг од практично подготвен и глобално конкурентен кадар.
„Алкалоид инвестира во сопствена академија, практикантски програми, дуално образование и стипендии за студенти по медицина и фармација, со цел да придонесе за создавање и задржување квалитетен кадар во земјата“, рече Мукаетов.
Тој додаде дека големите компании, како столбови на националните економии, треба да најдат начини за задржување на талентите.
„Нашата стратегија за луѓето е и наша бизнис-стратегија“, рече Мукаетов, додавајќи дека долгорочниот успех и позитивниот имиџ на компанијата се темелат врз организациска култура во која луѓето, довербата и развојот на талентите се врвен приоритет.
На панел-сесијата учествуваа и Александар Сератлиќ, Ана Драшковиќ и Огњен Лазиќ, а модератор беше Методија Папазоски.




