Пишува: Ристе Костовски
Во основа, според сопственоста, економските сектори можат да се поделат на јавен и приватен сектор. Кога станува збор за ефикасноста на економските сектори, поголем акцент се става на анализата на јавниот сектор. Имено, ова е особено важно за економии како нашата, кои претходно се темелеа врз социјалистички систем и поминаа низ одреден период на транзициски и приватизациски процеси.
Во тој процес, еден сегмент премина во приватна сопственост, меѓутоа одредени сектори останаа државни. Иако, на прв поглед, изгледаат како раздвоени, едниот треба да биде во функција на другиот, односно јавниот сектор треба да биде функционален со цел да служи како поддржувачки механизам на приватниот сектор. Оттука, во овој текст акцентот ќе биде ставен на подобрување на функционалноста на јавниот сектор.
Најпрво, за јавниот сектор да биде функционален, неопходно е дефинирање на кадровската политика во истиот, односно имплементирање на ефикасен модел на управување со човечки ресурси. Понатаму, потребно е да се изврши анализа на финансиското работење на јавните претпријатија и нивна соодветна финансиска консолидација.
Како нареден чекор што би требало да следи е подобрување на техничките капацитети во овој сектор преку негова дигитализација.
Сврзно ткиво на сите овие процеси треба да биде ефикасен систем за управување со ризици. Овој систем претставува фундамент за остварување на поставените цели и во себе треба да вклучува силни контролни механизми. Контролниот процес треба да биде во функција на спречување на коруптивни дејствија, како еден од главните проблеми на нашата економија. Воедно, во таа насока, неопходно е да се имплементира политика за спречување на корупцијата.
Понатаму, во јавниот сектор потребно е да се подобрат капацитетите за проектен менаџмент, со цел поефикасно процесирање и имплементирање на проектите, што директно е поврзано со повисок степен на реализација. Со цел следење на истите, потребно е да се воспостави и добар систем за мерење на перформансите.
На овој начин, јавниот сектор може да генерира добри перформанси и да даде позитивен импулс во генерирањето економски раст и развој.

