Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека Европа треба поинтензивно дипломатски да се ангажира за завршување на војната предизвикана од руската инвазија врз Украина.
Говорејќи на дигиталната конференција Re:Publica во Берлин, Меркел рече дека жали што Европа, според неа, „не го користи доволно својот дипломатски потенцијал“.
Таа оцени дека разговорите со Русија не треба да му бидат препуштени само на американскиот претседател Доналд Трамп.
Меркел нагласи дека е „апсолутно исправно“ Украина да добива воена поддршка, но додаде дека дипломатијата мора да остане паралелен процес.
„Военото одвраќање и дипломатската активност се подеднакво важни“, изјави таа.
Според неа, недоволно е само Трамп да одржува контакти со Москва.
„И ние сме фактор, како Европејци“, рече Меркел.
Таа предупреди дека потценувањето на рускиот претседател Владимир Путин би било сериозна грешка, но и дека Европа не смее да ја потценува сопствената улога.
Меркел, која беше канцеларка на Германија од 2005 до 2021 година, во последните години беше критикувана поради блиските енергетски врски со Москва и зависноста на Германија од рускиот гас.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, коментирајќи ги нејзините изјави, рече дека Германија и европските партнери веќе подолго време разговараат за патот кон мирно решение.
Тој нагласи дека предуслов за вистински преговори е Русија да покаже подготвеност за дијалог.
„Разговорите ќе се водат меѓу Украина и Русија, со поддршка од Американците и Европејците“, изјави Мерц.
Сепак, додаде дека Москва досега на секоја иницијатива за разговори одговарала со засилени напади, вклучително и врз цивилна инфраструктура.
„Тоа мора да запре. Тоа е предуслов за да почнат какви било разговори“, рече германскиот канцелар.

