Младите во регионот покажуваат интерес да се вклучат во процесот на европска интеграција, но институциите сè уште немаат доволно волја да им дадат вистинска улога, беше порачано на завршната регионална конференција на проектот „Ангажманот на младите за европеизација на Балканот“, што се одржа во просториите на „Europe House“ во Скопје.
На настанот учествуваа млади луѓе и претставници на граѓанскиот сектор од Косово, Северна Македонија и Црна Гора, кои дискутираа за улогата на младите во процесот на европска интеграција и нивното учество во креирањето политики.
Претседателот на Балканскиот институт за регионална соработка (BIRC), Џелал Незири, рече дека постои интерес кај младите за интеграцијата, но не и доволна политичка волја за нивна суштинска вклученост.
„Постои голем интерес кај младите да бидат дел од европскиот интеграциски процес. Но, од друга страна, недостига волја кај институциите и политичките партии – клучните актери во нашиот политички систем – да им доверaт одговорности и вистински да ги вклучат во процесот. Оваа состојба е разочарувачка. Со оглед на распространетиот корупциски систем и застојот во интеграцијата, треба да учиме од искуствата на соседите, како Црна Гора, која долго време е во овој процес. Нивниот пример покажува колку процесот може да стане тежок и бавен без политичка волја. Продолжената несигурност создава незадоволство кај младите низ целиот регион. Многумина повеќе не сакаат да чекаат нивната држава да стане дел од ЕУ – тие самите бараат начин да станат дел од неа преку студии, работа или живот во странство“, изјави Незири.
Тој додаде дека процесот на интеграција мора да биде поинклузивен и дека младите треба да добијат вистински глас.
Проектот е финансиран од Фондот за Западен Балкан, а го спроведуваат Балканскиот институт за регионална соработка (BIRC) од Северна Македонија, Центарот за иновации и развој (CFID) од Косово и невладината организација „НВО Глас“ од Црна Гора.
Претставниците на трите организации ги презентираа резултатите од истражувањата за вклученоста на младите во процесот на европска интеграција.
Дренуша Латифи од CFID – Косово рече дека младите таму сè уште се соочуваат со сериозни пречки за да влијаат на секојдневното носење одлуки.
„Преминот од училиште на пазарот на труд е најтешката точка. Многу ученици ја завршуваат средното образование без вештини што ги бараат работодавачите, а многу дипломирани лица остануваат заглавени во привремени, неплатени или несигурни работни места. Процентот на млади кои не се ниту во образование, ниту во работа, ниту во обука останува висок, што ја поттикнува фрустрацијата и миграцијата – токму кога на Косово му се потребни нивните идеи и енергија дома“, рече Латифи.
Таа нагласи дека жените се соочуваат со уште потешки услови на пазарот на труд, а младите од руралните средини и од заедниците Роми, Ашкали и Египќани се погодени од дополнителни бариери, како лош транспорт, недостиг на услуги и трајни предрасуди.
Директорот на програмата на BIRC, Лорик Идризи, истакна дека суштинското вклучување на младите е клучно за демократизацијата и за забрзувањето на патот кон ЕУ.
„Главните пречки се институционалната недоверба, недостатокот на транспарентност, ограничените ресурси и инструментализацијата на младинските структури. Нашето истражување покажува дека вистинската вклученост на младите не е само предуслов за демократска консолидација, туку и за побрз напредок кон ЕУ. Потребни се конкретни политики за градење на механизми на учество, зајакнување на младинските организации и поттикнување на меѓуинституционална соработка“, рече Идризи.
Извршната директорка на „НВО Глас“, Милица Дедиќ, предупреди на појавата на т.н. „декоративно учество“ на младите во донесувањето одлуки.
„Околу 85,7% од анкетираните млади прават јасна разлика меѓу активно и декоративно учество. Активното учество значи реално влијание врз одлуките, додека декоративното е само присуство на состаноци или кампањи без вистинска моќ. Тоа не само што ги демотивира младите, туку и ја поткопува демократијата. За да се промени ова, младите мора да се третираат како партнери, а не како учесници за фотографија“, изјави таа.
Трите партнерски организации потпишаа меморандум за соработка за заедничко аплицирање на европски и регионални проекти, со цел да се продолжи со промовирање на младинската улога во европеизацијата на регионот.
Активностите во рамки на проектот се одржаа во Подгорица, Приштина и Скопје – главните градови на трите земји учеснички.

