Министерството за правда соопшти дека Никола Груевски и натаму е македонски државјанин и дека постапката за негова екстрадиција ќе продолжи, по објавите дека избеганиот поранешен премиер уште во 2022 година добил унгарско државјанство.
Од Министерството велат дека внимателно ги следат информациите објавени во јавноста за наводното унгарско државјанство на Груевски, но нагласуваат дека тој останува лице за кое постојат правосилни судски одлуки и активни постапки во Македонија.
„Никола Груевски останува државјанин на Република Северна Македонија и е лице кое е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки“, соопшти Министерството за правда.
Оттаму додаваат дека ќе продолжат со сите правни и дипломатски чекори во комуникација со надлежните органи на Унгарија, во согласност со домашното законодавство, билатералните договори и меѓународните конвенции.
Истражувачкиот портал VSquare, повикувајќи се на извор во унгарската влада, објави дека Груевски добил целосно унгарско државјанство во 2022 година врз основа на „државен интерес на Унгарија“.
Груевски живее во Будимпешта од 2018 година, кога избега од Македонија непосредно пред да почне да ја издржува двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“, поврзан со набавката на луксузниот „мерцедес“.
Доколку информацијата за унгарското државјанство се потврди, неговата правна позиција во Унгарија би била значително посилна од статусот на политички азилант, бидејќи одземањето државјанство е многу потешка постапка од укинување азил.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата нема официјална информација дали Груевски има унгарско државјанство.
Според Основниот кривичен суд Скопје, за Груевски се активни потерници по предметите „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“.
Во предметот „Насилство во Центар“, Груевски треба да издржи казна затвор од една година и шест месеци, чиe извршување застарува на 10 септември 2027 година.
Во предметот „Плацеви на Водно“, тој има единствена казна затвор од девет години, чиe извршување застарува на 14 февруари 2043 година.
Унгарскиот премиер Петер Магјар претходно најави дека Унгарија повеќе нема да биде засолниште за меѓународни криминалци. Но, доколку Груевски навистина има унгарско државјанство, неговата екстрадиција во Македонија би станала значително посложена правна постапка.

