Министерството за внатрешни работи соопшти дека го расчистило случајот со обидот за опожарување на верски објект на Еврејската заедница во Скопје, што се случил на 12 април годинава.
Според МВР, веднаш по пријавата биле преземени мерки од Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, во координација со СВР Скопје и Агенцијата за национална безбедност, при што биле спроведени повеќе оперативно-тактички активности.
На 30 април биле извршени претреси на 13 локации во Скопје, при што биле приведени седум лица и одземени предмети и електронски уреди поврзани со случајот.
По наредба на јавен обвинител, осомничените се задржани за понатамошна постапка. Поднесена е кривична пријава против две лица од Скопје, на возраст од 21 и 38 години, поради сомнение за сторено кривично дело „тероризам“.
Судија на претходна постапка им одредил мерка притвор.
Истрагата ја води надлежен јавен обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

