Соединетите Американски Држави и Иран се блиску до договор за продолжување на примирјето и отворање преговори за иднината на иранската нуклеарна програма, но остануваат неколку спорни прашања што сè уште не се надминати, изјави американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
„Сè уште не сме таму, но сме многу блиску и ќе продолжиме да работиме на тоа“, рече Венс пред новинарите во Вашингтон.
Неговата изјава следува откако американски претставници за Би-Би-Си изјавија дека двете страни се согласиле за рамка на договор, која треба да биде одобрена од претседателот Доналд Трамп и иранското раководство.
Според информациите, предложениот меморандум предвидува продолжување на примирјето за уште 60 дена и почеток на разговори за иранската нуклеарна програма. Иранската агенција Тасним, сепак, објави дека документот сè уште не е финализиран ниту официјално потврден.
Медиумските извештаи наведуваат дека договорот би можел да овозможи непречен поморски сообраќај низ Ормутскиот Теснец, преку кој поминува значителен дел од светската трговија со нафта и течен природен гас.
Во рамки на потенцијалниот договор, САД би можеле да ја ублажат блокадата и да издадат изземања од санкциите за Иран повторно да извезува нафта.
Едно од главните отворени прашања останува збогатувањето на ураниумот. Вашингтон бара Иран да престане со производство на високо збогатен ураниум и да се ослободи од постојните резерви, кои теоретски би можеле да се искористат за производство на нуклеарно оружје.
Техеран, пак, тврди дека неговата нуклеарна програма има исклучиво мирољубиви цели и отфрла дека развива нуклеарно оружје.
Венс оцени дека иранската страна досега преговарала „во добра волја“, но призна дека остануваат разлики околу формулациите во текстот на договорот.
Белата куќа во меѓувреме ги отфрли тврдењата на иранските државни медиуми за наводен 14-точковен нацрт-договор, оценувајќи ги како „целосна измислица“.
И покрај дипломатските контакти, тензиите меѓу двете земји продолжуваат. Иран и САД меѓусебно се обвинуваат за прекршување на кревкото примирје, додека американски претставници предупредуваат дека воена опција и натаму останува на маса доколку разговорите пропаднат.
Претседателот Трамп во повеќе наврати изјави дека договорот е блиску, но засега нема официјална потврда за негово финализирање.

