Протестот на албанската опозиција предводена од Демократската партија ескалираше во судири со полицијата во центарот на Тирана, откако демонстранти фрлаа молотови коктели, пиротехника и камења кон безбедносните сили.
Полицијата одговори со водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите кои маршираа кон Министерството за внатрешни работи по собирот пред зградата на Владата.
Албанските медиуми објавија дека водениот топ го погодил и лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, додека неговото обезбедување се обидувало да го заштити.
Тензиите дополнително се зголемија кога демонстранти физички се судрија со полицискиот кордон на булеварот во Тирана.
Пратеникот Газмент Барди влезе во вербален конфликт со полицијата, обвинувајќи ги безбедносните сили дека „провоцираат мирен протест“.
Подоцна, пратеникот Бледион Налбати исто така се судри со полицајци за време на протестот.
Демократската партија претходно најави дека протестот ќе помине без говори и дека ќе се одржи марш низ главниот град.
Бериша, неколку часа пред протестот, изјави дека „бранoт на опозицијата нема да запре“ и ги нарече протестите „најсилниот глас на достоинствените Албанци“.
Албанската полиција соопшти дека презела засилени безбедносни мерки и блокирала повеќе улици во центарот на Тирана.
Амбасадата на САД во Тирана претходно ги предупреди американските државјани да бидат внимателни поради можноста ситуацијата брзо да се промени.
Протестот се одржува во период на засилени политички тензии меѓу владејачката Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама и опозициската Демократска партија, која ја обвинува владата за корупција и злоупотреба на институциите.

