Коалицијата ВЛЕН соопшти дека ДУИ „секојдневно губи терен“ кај албанските гласачи и дека граѓаните веќе јасно се определиле за политички промени.
Од ВЛЕН оценија дека ДУИ не може да се помири со, како што наведуваат, „новата политичка реалност“ и со падот на поддршката меѓу Албанците.
„Во недостиг на резултати и доверба од граѓаните, оваа партија избра напади, пропаганда и етикетирање на секој политички противник“, соопшти ВЛЕН.
Од коалицијата наведоа дека нападите врз медиумите, анкетите и јавноста покажуваат „нервозата што расте во ДУИ“ поради континуираниот пад на поддршката.
„Албанците веќе јасно проговорија. Тие гласаа за промени, одговорност и крај на политиката на страв, пазари и манипулации“, додаваат од ВЛЕН.
Според коалицијата, последните анкети само го потврдуваат расположението на теренот и растечката поддршка за новата политичка понуда.
ДУИ, пак, реагираше дека станува збор за „нарачани анкети“ со цел политичка манипулација на албанскиот електорат.
Партијата изрази „сериозна загриженост“ поради објавување на анкети кои, според нив, преку провладини портали и пропагандни центри создаваат „лажна перцепција и психолошка манипулација“.
ДУИ посочи дека сопственичка на агенцијата што стои зад анкетата е Весна Кузмановиќ, што според партијата ги засилува сомнежите дека ВЛЕН не е „автентичен албански политички проект“.
„Што само ги зајакнува сомнежите дека проектот ВЛЕН не е автентичен албански политички проект, туку конструкција поддржана и менаџирана од надворешни центри“, соопшти ДУИ.
Од партијата наведоа дека Албанците во Северна Македонија „не се политичка лабораторија за туѓи агенди“ и дека нивната волја не може да се моделира со анкети „нарачани од Белград“.
ДУИ оцени дека е „симптоматично“ што секогаш кога Владата се соочува со економска криза, етнички тензии и пад на довербата, во јавноста се појавуваат анкети со „идентичен наратив и јасна политичка цел“.
Партијата додаде дека граѓаните добро ја разликуваат „автентичната политичка претстава“ од, како што велат, „проекти произведени во странски центри на моќ“.
„Гласот на Албанците не може да се купи, ниту да се диригира од Белград“, порача ДУИ.

