Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска на прес-конференција обвини за директни политички врски меѓу актуелното раководство на СДСМ и бугарските структури во земјава.
Според Манасиевски, ангажманот на поранешниот советник Рубин Земон во редовите на опозицијата претставува продолжување на, како што рече, политиките од минатото.
„Сите карти излегоа на површина, соработката на Филипче и СДС со Бугарија е разобличена. Рубин Земон, човек на Зоран Заев и еден од најблиските луѓе на Венко Филипче е врската помеѓу Бугарија и СДС“, изјави Манасиевски.
Тој тврди дека Земон одржал средба со Виктор Стојанов, кого го опиша како лице што ја води Фондацијата „Македонија“ и кое, според него, шири бугарска пропаганда во државата.
„Тоа е лице кое има забрана за влез во Македонија поради неговите антимакедонски ставови. Ете овој човек соработува со СДС и Филипче токму преку Рубин Земон“, рече Манасиевски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ во обраќањето потсети и на претходни изјави на функционери од СДС кои позитивно се изразувале за кадровските решенија во партијата.
Според него, во СДС веќе постоеле несогласувања околу насоката во која се движат овие процеси.
„Освежувањето и засилувањето на Филипче и СДС со Рубин Земон заврши со големо фијаско. Дури и видни членови на СДС му укажале на Филипче дека со оваа работа е отидено предалеку“, изјави Манасиевски.
Тој додаде дека на Земон му било кажано да се повлече од СДСМ, но да продолжи со, како што рече, „соработката со Бугарија и ширење бугарска пропаганда“.
„Филипче е фатен во небрано, откриени му се намерите и доколку вака продолжи СДС ќе стане ДООЕЛ“, додаде Манасиевски.

