Министерот за здравство Азир Алиу, по повод националната и европската недела на медицинските сестри и акушерки, ја истакна важноста на медицинските сестри, техничарите и акушерките во функционирањето на здравствениот систем.
Според него, тие имаат клучна улога во сите сегменти на здравствената заштита – од превенција и дијагностика, до рехабилитација и поддршка на пациентите и нивните семејства.
„Министерството за здравство е посветено на зајакнување на човечките ресурси во јавните здравствени установи, при што се реализирани над 1.250 вработувања во јавноздравствениот сектор, од кои значителен дел се медицински сестри“, изјави Алиу.
Тој посочи дека минатиот месец бил потпишан колективен договор со Синдикатот на вработените во Клиничкиот центар и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Со договорот е предвидено зголемување на платите за 7 проценти со мартовската плата, како и утврдена динамика за понатамошен раст на примањата во наредниот период.
Алиу говореше на свечената академија организирана од Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки ЗМСТАМ.
Министерот порача дека Министерството за здравство останува посветено на унапредување на здравствената инфраструктура, подобрување на статусот на медицинските сестри и акушерки, како и поддршка на нивното образование и професионален развој.

