Дел од мерките од реформската агенда за членство во Европската Унија се реализирани пред предвидениот рок, изјави министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски.
Тој посочи дека државата веќе има добиено значителни финансиски средства и очекува дополнителен период за реализација на преостанатите обврски.
„Одредени мерки, особено оние во надлежност на Министерството за образование и наука, се реализирани предвреме“, рече Муцунски.
Министерот додаде дека, според неформалните информации за последниот извештаен период, оценките за спроведените реформи се позитивни.
„Има позитивни впечатоци за постигнатото во делот на реформите од европската агенда и сме високо позиционирани во регионот“, изјави тој, нагласувајќи дека Владата има амбиција да го задржи тој тренд и во следниот период.
Муцунски истакна дека напредокот се огледува не само во владините политики, туку и во законите што се носат во Собранието, како и во подзаконските акти и институционалните процедури.
„На крајот на денот, резултатите се тие што покажуваат дали нешто е постигнато или не“, рече Муцунски.

