26.8 C
Скопје
29 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Папата Лав XIV повика на „разоружување“ на вештачката интелигенција

Папата Лав XIV ја претстави својата прва социјална енциклика „Magnifica Humanitas“, предупредувајќи дека вештачката интелигенција не смее да стане алатка за доминација, исклучување и војување, туку мора да биде ставена во служба на човечкото достоинство и општото добро.

Во обраќањето во Ватикан, папата ја спореди актуелната технолошка револуција со индустриските промени со кои се соочила Католичката црква во времето на папата Лав XIII и енцикликата „Rerum Novarum“ од 1891 година.

„Вештачката интелигенција веќе допира многу области од нашиот живот и влијае врз одлуките што го обликуваат човечкиот соживот“, рече папата, додавајќи дека технологијата „драматично го менува и начинот на водење војни“.

Според него, енцикликата е резултат на разговори со научници, инженери, професори, политичари и семејства загрижени за иднината на младите генерации. Истовремено, посочи дека слушнал „многу вознемирувачки гласови“ за автономни оружени системи и алгоритми кои можат неправедно да одлучуваат за пристап до здравство, работа или безбедност.

„Вештачката интелигенција треба да биде разоружана“, порача папата, оценувајќи дека сериозноста на моментот бара јасни зборови што ќе ја разбудат јавната свест.

Повикувајќи се на долгогодишната поддршка на Црквата за нуклеарно разоружување, папата нагласи дека секоја голема технолошка моќ мора да биде придружена со морална одговорност и јавна контрола.

„Технологијата не смее да го ослабне човечкото критичко размислување и моралната будност“, рече тој.

Папата истакна дека луѓето не смеат да бидат сведени на „продуктивност“, „когнитивни перформанси“ или „обични податоци“, нагласувајќи дека човечката личност има слобода, внатрешност и способност за љубов што „ниедна машина не може да ги замени“.

Тој повика на соработка меѓу државите, институциите и технолошките компании со цел придобивките од вештачката интелигенција да не останат во рацете на „привилегирано малцинство“.

На крајот, папата Лав XIV ги повика верниците и неверниците заеднички да работат на „по човечно и побратимено општество“, засновано врз, како што рече, „цивилизација на љубовта“.

Related posts

Коцевски одбива оставка, најавува нова офанзива против криминалот: „Обвинителството има цврсти докази“

admin

Бахмут падна под целосна контрола на Вагнер, Зеленски: „Русите уништиле сè“

admin

АЛИЈАНСА СО НАД 30-ТИНА ДИРЕКТОРСКИ МЕСТА-ЕДНА БОГАТА ФИРМА И ПРЕТЕЖНО ЗАГУБАРИ

ninja

НИСКИТЕ КАМАТИ СЕ МИНАТО

ninja

Незири: Наместо за европеизација ние зборуваме за дестабилизација

admin

СДСМ пред Конгрес – борба за лидерство или тест за опстанок

admin