НАСА објави дека годинава ќе започне со три беспилотни мисии до Месечината како дел од амбициозниот проект за изградба на база вредна 20 милијарди долари, а првата мисија му е доверена на „Blue Origin“ на Џеф Безос, наместо на „SpaceX“ на Илон Маск.
Одлуката ја соопшти администраторот на НАСА, Џеред Ајзакман, на прес-конференција во Вашингтон, каде за првпат беа откриени детали за планот за изградба на долгорочно човечко присуство на Месечината.
Според НАСА, трите мисии планирани за 2026 година ќе бидат проследени со повеќе од десет дополнителни летови во наредните години, со цел тестирање на системи, ровери, технологии и научна опрема.
„Луѓето повторно гледаат кон небото и повторно веруваат во големи работи, додека Америка се враќа на Месечината – овојпат за да остане“, изјави Ајзакман.
Тој посочи дека успехот на мисијата „Artemis II“, која минатиот месец испрати четворица астронаути околу Месечината за првпат по 1972 година, бил клучен поттик за забрзување на проектот.
Компанијата „Blue Origin“ ќе ја реализира првата мисија наречена „Moon Base One“, за која НАСА ќе обезбеди 230,4 милиони долари за првите две операции, додека остатокот ќе го финансира самата компанија.
Мисијата ќе го користи товарниот лендер „Endurance“, кој ќе носи научна опрема на јужниот пол на Месечината, во регионот Shackleton de Gerlache Ridge.
Ајзакман рече дека мисијата треба да демонстрира технологии неопходни за идните човечки слетувања и дека „Blue Origin“ е избрана поради нејзината улога во програмата „Artemis“.
Во меѓувреме, „Blue Origin“ и „SpaceX“ продолжуваат да се натпреваруваат за идните човечки мисии на Месечината. НАСА планира во 2028 година повторно да испрати луѓе на површината на Месечината преку мисијата „Artemis IV“.
НАСА на новата интернет-страница посветена на проектот наведе дека оперативна база на Месечината би можела да биде воспоставена меѓу 2029 и 2032 година, додека „полутрајно присуство“ е планирано по 2032 година.
Проектот е дел од вселенската политика на американскиот претседател Доналд Трамп, кој бара забрзување на програмата „Artemis“, создавање постојано населива база на Месечината и развој на нуклеарен реактор за вселенски мисии.
Според НАСА, партнерствата со приватниот сектор треба да ги намалат трошоците за даночните обврзници и истовремено да создадат нова вселенска економија и илјадници работни места.

