Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, го обвини лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека со најавата за блокирање на предложените измени на Изборниот законик создава оправдување за евентуален пораз на следните парламентарни избори.
На прес-конференција во Собранието, Милошоски изјави дека ставот на СДСМ претставува обид однапред да се доведе во прашање легитимноста на идниот изборен процес.
„Преку најавата за блокада на Изборниот законик, Венко Филипче создава алиби за следниот изборен пораз или евентуално за бојкотирање на следните парламентарни избори, без разлика кога ќе се одржат“, рече Милошоски.
Тој оцени дека со ваквиот пристап лидерот на СДСМ ја потврдува, како што рече, својата намера да се спротивставува на законите поврзани со реформската агенда на државата. Милошоски истовремено постави прашање дали СДСМ ги следи позициите на Левица, која исто така најави блокада на предложените измени на Изборниот законик.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ посебно се осврна на одредбите кои предвидуваат електронско гласање за дијаспората, оценувајќи дека тоа е значаен чекор за зголемување на учеството на македонските државјани кои живеат надвор од земјата.
„Овој Изборен законик предвидува електронско гласање на дијаспората, согласно моделите што постојат во Франција и Естонија. Сметаме дека ова е важно за поголемо учество на нашите државјани во изборните процеси“, рече Милошоски.
Претходно, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека неговата партија ќе го блокира усвојувањето на Изборниот законик, оценувајќи дека предложените решенија создаваат можност за злоупотреби и контрола на изборниот процес.
И Левица најави дека ќе се спротивстави на предложените измени, оценувајќи дека не постои поширок политички консензус за нивното усвојување.
Предлог-измените на Изборниот законик, кои се поддржани од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ и ДУИ, предвидуваат задржување на шесте изборни единици, без воведување отворени листи, како и воведување електронско гласање за дијаспората, кое би се применувало од изборниот циклус во 2029 година.

